Интерес да бидат згрижувачи на деца без родители, деца со пречки во развојот и деца одвоени од своите родители поради негрижа и злоупотреба пројавиле 75 лица, за нецели две недели од стартот на кампањата на Министерството за труд и социјална политика и УНИЦЕФ „На секое дете му треба семејство“. Целта на оваа кампања е да се најдат згрижувачи каде ќе можат да се сместат над 200 деца, кои сега се сместени во разни институции во земјава, а каде не ја добиваат потребната љубов и топлина што може да ја пружи само семејството.
Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, кажа дека извлекувањето на децата и возрасните од институциите освен преку формирање на мали групни домови, многу е поважно да се направи во згрижувачки семејства, бидејќи само таму можат да ја почувствуваат топлината и љубовта што ја има семејството.
„Идејата е со оваа кампања е да ги привлечеме луѓето кои веќе изгледале свои деца и кои се во можност да згрижат и да изгледаат некое од овие деца. Со тоа децата ќе ги извлечеме од институциите, а од друга страна ќе спречиме нов прилив на деца во институциите, бидејќи ќе имаме веќе згрижувачки семејства, кои ќе може да се грижат за нив“, рече Царовска.
Сите заинтересирани кои би сакале да станат згрижувачи потребните информации може да ги добијат на бесплатната телефонска линија 15133. Царовска рече дека преку оваа линија граѓаните може да се информираат низ какви обуки ќе пројдат и што е потребно за да бидат згрижувачи.
„Од овие 75 пројавиле интерес, а дел од нив се пријавиле за да бидат згрижувачи. Тие сега се во процес на оценка, по што ќе следат и обуки. Исто така имаме голем број луѓе кои чекаат да посвојат дете со години, сакаме и нив да ги убедиме да станат згрижувачи“, кажа Царовска.
Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ во земјава, кажа дека децата кои растат без љубов и соодветна грижа тоа влијае на развојот на нивниот мозок, а потоа и на севкупниот развој и на нивните способности понатаму во животот.
„Целта е да се идентификуваат луѓето под ризик да ги напуштат своите деца, да им се пружи соодветна социолошко-психолошка помош да останат со нив, а ако веќе и тоа не функционира децата да се сместат во згрижувачко семејство“, кажа Перкс.
Извлекувањето на децата од институциите УНИЦЕФ го помага од 2000 година наваму, односно тогаш имало 700 деца во институциите, а сега има над 200 од кои половината се со пречки во развојот.
„Љубовта е неопходна за правилен психомоторен развој на децата, а таа потреба ја имаат и децата со пречки во развојот. Пред неколку месеци бевме во домот во Демир Капија, каде децата лежеа во мали колевки, кои никогаш во животот не биле однесени на забар и кои имаа потреба од човечки допир. Во случајов вработените во институцијата не се виновни, бидејќи самиот систем на социјална заштита бил така поставен. Тим од психолози, социолози и здравствени работници работеа со нив за да може да ги извлечеме од таму, и вчера три од нив беа сместени во мал групен дом во Неготино“, кажа Перкс.
Министерката Царовска најави дека до крајот на месецот во Скопје ќе бидат отворени уште пет мали групни домови, каде ќе бидат сместени децата од домот за згрижување деца со воспитно-социјални проблеми-25 мај и дека вакви групни домови ќе отвораат насекаде каде што може во земјава. Во однос на вчерашните протести на жителите од неготинското село Тимјаник, кои се против отворање ваков групен дом во нивното село, Царовска рече дека не се откажуваат од Тимјаник, но дека нема ништо насила да направат.
„Дали ќе има мал групен дом во Тимјаник, треба да биде заедничко решение на жителите од селото, Општината и Министерството. Ништо насила нема да правиме, но не се откажуваме од Тимјаник. Ако треба ќе одам и 100 пати таму и да се води дискусија со луѓето за да ја разберат идејата дека нивните деца нема ништо да изгубат ако се отвори домот, туку напротив ќе добијат. Додека бевме таму ми кажаа дека имаат во селото детенце чија мајка е на возраст над 60 години и што во случај на нејзина смрт. И тоа дете во таков случај ќе може да биде сместено во овој мал дом“, рече Царовска.
Максимален број на деца во мал групен дом е седум. Групниот дом што беше отворен вчера во Неготино има капацитет за 4 деца, но сместени се три. Малиот групен дом во Тимјаник ќе има капацитет од 6, но Министерството планира за почеток да смести 4 деца, кои сега се во големите институции.
„И во овој дом во Неготино оставивме едно празно место во случај да има притисок, односно да имаме ново дете за кое ќе биде потребно сместување. Така ќе биде и со останатите мали групни домови“, рече Царовска.
Е. БОЧВАРОСКА