78 ПРОЦЕНТИ ОД АНКЕТИРАНИТЕ ЛЕКАРИ ОДГОВОРИЛЕ ДЕКА ДОЖИВЕАЛЕ НАСИЛСТВО НА РАБОТА, НО ПРИЈАВИ СЀ УШТЕ ИМА МАЛКУ

    78 ПРОЦЕНТИ ОД АНКЕТИРАНИТЕ ЛЕКАРИ ОДГОВОРИЛЕ ДЕКА ДОЖИВЕАЛЕ НАСИЛСТВО НА РАБОТА, НО ПРИЈАВИ СЀ УШТЕ ИМА МАЛКУСпоред одговорите на анкетираните, нападот почесто го извршил некој кој бил придружба или роднина на пациент во 63,2 отсто од случаите, додека пациентот извршил насилство во 53,6 отсто. (архивска фотографиа)

    Од 1.061 лекар кои биле вклучени во анонимната анкета спроведена од Лекарската комора дури 77,9 проценти одговориле дека доживеале физичко или вербално насилство на работно место во текот на изминатата година. Таа бројка не е за занемарување, рече претседателот на Лекарска комора проф. д-р Калина Гривчева-Старделова на денешната прес-конференција по повод Европскиот ден за подигање на свеста против насилство врз лекарите и здравствените работници.

    Висок процент од оние кои одговориле позитивно, односно 79,9 отсто посочиле дека доживеале вербално насилство со викање и навредување, 34,5 отсто биле жртва на вербално насилство со закана дека ќе биде извршено и физичко насилство, 43 испитаници или 5,2 отсто биле изложени на физичко насилство без телесна повреда, а 13 испитаници или 1,6 отсто доживеале физичко насилство со телесна повреда.

    „Здравствениот работник е последна инстанца. Кога ќе кажеш некому дека има тешка дијагноза, тој не може да ја навреди или удри болеста. Оној што го кажува тоа е најчесто на удар. Здравствениот систем, оние лавиринти низ кои одат луѓето, се доста комплицирани и ги прави уморни и нервозни. И тоа секој различно го манифестира, уморот, нервозата и стравот. Ние имаме разбирање за тоа, но би сакале и нас да не̍ разберат дека не можеме да работиме под таков предизвик“, рече Гривчева- Старделова.

    Според одговорите на анкетираните, нападот почесто го извршил некој кој бил придружба или роднина на пациент во 63,2 отсто од случаите, додека пациентот извршил насилство во 53,6 отсто. Во однос на причините поради кои е извршено насилство 52,1 одговориле дека тоа е од незадоволство на пациентите предизвикано од неисполнети желби за одредена дијагностичка процедура или терапија, а 37,7 отсто е поради административни процедури, како на пример, долго чекање за преглед или неможност да се закаже одредена дијагностичка процедура.

    Само 30,9 отсто од анкетираните доктори кои доживеале некаков вид на насилство на работното место го пријавиле инцидентот, најчесто кај својот работодавач (70,6%) и во полиција (42,7%). Поголем дел од инцидентите или 69,1 отсто не се пријавени, а како причина за непријавување на нападот во анкетата докторите наведуваат страв од негово повторување и недоверба во институциите.

    Законските измени за напад врз лекар да се одговара кривично како за напад на службено лице, уште не се донесени, па напаѓачот добива или опомена или парична казна, која не секогаш ја плаќа.

    „Во процедура е усогласувањето на Законот за здравствена заштита со Кривичниот законик во делот на казнените одредби за напади врз службени лица. Од позиција на министер, но и како доктор ќе се заложам максимално заедно со стручната фела тие законски измени да се направат што побрзо и да дојдат што поскоро во имплементација “, рече министерот за здравство Беким Сали.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира