8 КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ ЗА ПРЕДИЗВИКУВАЊЕ ПОЖАР ОД ПОЧЕТОКОТ НА ГОДИНАВА ПОДНЕЛА ПОЛИЦИЈАТА

    8 КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ ЗА ПРЕДИЗВИКУВАЊЕ ПОЖАР ОД ПОЧЕТОКОТ НА ГОДИНАВА ПОДНЕЛА ПОЛИЦИЈАТАПожарот на Галичица е локализиран, но во делови уште гори. Екипи од Противпожарната единица од Ресен и вработени во паркот се на терен и го имаат ограничено пожарот со заштитен појас. (Фото: СДК.МК)

    Осум кривични пријави поднело Министерството за внатрешни работи за палење пожар на отворено. Од МВР велат дека од почетокот на оваа година до денеска против 8 лица се поднесени пријави за сторено кривично дело „предизвикување на општа опасност“.

    „МВР работи на откривање и на останатите сторителите кои предизвикале пожари на отворено. Во дел од случаите се работи за пожари предизвикани од палење на стрништа, но дел се и намерно подметнати“, велат од МВР.

    Вчера е уапсен 55-годишниот Б. С. од селото Ботун, Општина Дебрца, кој го предизвикал пожарот на отворен простор при што целосно изгореле електричен столб сопственост на ЕВН и други предмети во приватна сопственост. Против него ќе биде поднесена кривична пријава.

    Цел месец пожари има низ цела територија на земјава. Во Преспанскиот Регион, пожар синоќа го зафати делот кај туристичките населби Отешево и Сирхан, како и дел од Националниот парк Галичица. Досега пожарот зафати околу 300 хектари шума, а пожарникарите и вработени од Националниот парк се обидуваа да го спречат ширењето на пожарот и да ја заштитат викенд населбата кај Сирхан.Утрово нов пожар избувна во паркот на ретки птици Езерани во Преспа.

    Голем пожар синоќа имаше и во селото Саса кај Македонска Каменица, каде беше евакуирано и населението во маалата Траканица и Аџиите. По цела ноќ гаснење, пожарот е локализиран.

    Владата по вчерашните пожари воведе забрана за движење во шума и шумско земјиште преку цел ден и цела ноќ. Забраната важи од вчера и ќе трае сѐ до нејзино отповикување. Оваа забрана не важи за вработените во национални паркови и шуми.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира