Во пресрет на новогодишните празници, А1 Македонија донираше бесплатен безбеден безжичен интернет за децата на ЗУ Клиника за детска хирургија, соопштија од компанијата. Со овој мал гест, велат од А1 Македонија, ја потврдуваат стратешката определба да бидат социјално одговорна компанија која одржува високи етички стандарди и да придонесуваат во општеството, покажувајќи поддршка за заедницата и да помогнат онаму каде е потребно.
„Голема благодарност до А1 Македонија за брзата одлука и реализација на донацијата. Ваквите вложувања ни помагаат да го одржиме модерниот начин на поврзаност и да додадеме вредност за пациентите и на деновите поминати во болнички услови. Тоа што донацијата е пред новогодишните празници и дава специфична тежина и значење за сите пациенти сместени на клиниката“, изјави м-р Елмедин Асани, директор на ЈЗУ Клиника за детска хирургија.
Со донацијата, бесплатен и безбеден интернет добиваат сите мали пациенти сместени на клиниката, посетителите и персоналот на Клиниката кој деноноќно се грижи за здравствената состојба на пациентите сместени на детската хирургија.
„Нашата определба да донираме и да вложуваме во зaедницата е искрена и долгорочна. Таа произлегува од желбата да издвоиме дел од компаниските приходи за активности кои се значајни за општеството. Особено сме среќни и задоволни што овојпат средствата одат во обезбедување непречена и безбедна комуникација за малите пациенти сместени на клиниката за детска хирургија, а особено сега кога претстојните празници ќе ги поминат токму на клиниката бидејќи имаат потреба од третман и здравствена заштита“, изјави Методија Мирчев , извршен директор на А1 Македонија.
Под мотото “За подобар свет” во рамки на програмата ESG (environmental, social and corporate governance), A1 Македонија е целосно посветена кон развој и реализација на општествено-одговорни проекти во областа на животната средина, дигиталната писменост и корпоративно управување.