АДВОКАТИ ПОСРЕДУВААТ И ЗА РАЗВОД ВО ЦРКВА

    АДВОКАТИ ПОСРЕДУВААТ И ЗА РАЗВОД ВО ЦРКВА

    За да не живеат пред бога со еден партнер, а пред државата со друг, црквата ги развенчува разведените кои освен во матично, склучиле и црковен брак. Тоа им отвори работа и на поповите, но и на адвокатите. Адвокатски канцеларии веќе нудат комплетна услуга – развод во суд и развенчување во црква. Како што ги застапуваат странките во суд за развод, тие во име на разведените посредуваат во црква за да се развенча црковниот брак. Адвокатите одбија да зборуваат за искуствата со објаснување дека услугата ја нудат многу кусо време.

    Малкумина знаат дека по разводот, треба и да се развенчаат ако се венчани во црква. Разведена скопјанка сакала да стапи во втор брак и кога отишла да закаже и венчавка, поповите ѝ објасниле дека како што се развела во суд, треба да се разведе и во црквата.

    „Ми објаснија дека венчавката е идентична на потписот во матично и ако веќе сум се развела во суд, дека треба и да се развенчам со првиот сопруг, па дури потоа ќе можам да имам и втора венчавка в црква. Ми укажаа дека тоа мора да ги направам во истата црква каде што сум се венчала претходно, односно каде што сме ја извршиле светата тајна брак“, вели скопјанка од неодамна и разведена и развенчана.

    Поповите и објасниле дека блогословот, односно пеењето в црква се разликува во зависност од тоа дали се работи за прва, втора или трета венчавка. Донела документи со кои покажала дека е разведена, а потоа за кусо време поповите ѝ издале документ со кој потврдуваат дека заветот даден пред бога, повеќе не важи.

    Во документот стои дека Црковниот суд на Скопската православна епархија донел пресуда оти се разведува претходниот црковен брак на скопјанката поради распуштање и раскинување на брачната заедница. Во истиот документ, поповите написмено ѝ даваат благослов за нова црковно–брачна заедница. Во образложението стои дека тужителот донел свидетелство за претходно извршената света тајна брак, кој официјално е разведен. Нејзиниот поранешен сопруг воопшто не бил ниту повикан ниту консултиран за црковниот развод, а се соменва и дека воопшто црквата го известила.

    Од Македонската православна црква велат дека црквата,  имајќи во предвидоти сите граѓани не се светии,  била принудена, не само да ги благословува и озаконува сите бракови, туку, истите да ги разрешува, односно, да ги разведува.

    „Една од главните особини на бракот е дека тој е неразделив (indissolubile) сè додека мажот и жената се живи, и сè додека бракот одговара на своите три цели, односно физичката, етичката и религиозно – правната. ’Бог што составил, човек да не разделува’. Според тоа, да раскине една брачна врска, законско венчани, може само смртта или таква причина што ја надвладејува црковната идеја за неразделивост на бракот и која ја нарушува моралната или религиозната основа на бракот. Со ’давањето’ развод, Црквата не ја нарушува евангелската заповед, односно, човекот да не го разделува она што Бог го соединил, туку Црквата само ја констатира нарушената брачна заедница. Брачната врска се нарушила и не може повеќе да ја постигнува зададената цел на тоа живеење. Значи, Црквата ниту го признавала разводот, ниту давала развод. Тоа се сметало за голем грев, но Црквата никогаш не престанала да им дава на грешниците ’нова шанса’  и секогаш е подготвена, ако се покаат, да ги прими повторно. Тука, пред сè, важи принципот на икономија – снисходење. Поради таа снисходливост кон човечките слабости, Црквата на верните им дозволува втор и трет брак“, вели ѓаконот Сашо Целески.

    Тој објаснува дека има свети отци кои се противеле на тие бракови. Св. Василиј Велики за второбрачните велел дека мора да поминат одреден период на покајание, односно да бидат одлачени од причест во период од една или две години. За третиот брак, истиот свет отец вели дека тоа не се смета за брак, туку за полигамија, или подобро кажано, неверство, кое изискува покајание.

    „Секоја помесна црква има право сама да си го уредува својот црковен живот. Па така, во одредени православни помесни цркви, според нивните брачни правила, секогаш поради снисходење, се дозволува и четврти брак. Но, не му се дозволува на секого да стапи во втор, трет или во четврти брак. На некого не би му се дозволил ни втор брак, доколку во првиот брак имало тешки психосоматски последици“, вели ѓаконот Целески.

    Светата тајна брак, во црковна смисла како една од седумте свети тајни, се извршува само при првото склопување брак. При второ или трето стапување во брак, не станува збор за света тајна брак, туку, се читаат покајни молитви.

    Во 2015 на ниво на цела МПЦ – ОА биле разведени 139 црковни бракови, а во првото тромесечје од годинава разведени се 45. МПЦ секоја одлука ја објавува во Службен весник во кој може да најде бројот на разводи за секоја година одделно (Фото: Ѓ. Личовски за СДК.МК)

    Во 2015 на ниво на цела МПЦ – ОА биле разведени 139 црковни бракови, а во првото тромесечје од годинава разведени се 45. МПЦ секоја одлука ја објавува во Службен весник во кој може да најде бројот на разводи за секоја година одделно (Фото: Ѓ. Личовски за СДК.МК)

    „Црквата вториот брак го смета како гревопад на овие лица. При венчанието на второбрачни или третобрачни, што денес се дозволува според икономија (снисходење), не се дозволува положување венци, а свештеникот не смее да присуствува на свадбената прослава. При чинот на венчание (за првобрачни), се споменуваат славните брачни парови од Стариот завет (Авраам и Сара, Исак и Ребека, Јаков и Ракела, Јосиф и Асенета, Захариј и Елисавета, Јоаким и Ана) и свештеникот се моли Бог да ги смести младоженецот и невестата во друштво на светите парови, претци на Господа Исуса Христа, и да им го дари истиот благослов. Во чинот за второбрачни и третобрачни се споменуваат големите покајници (блудницата Раав, митарот и покајаниот разбојник), односно, тие примија прошка од Бога преку својата вера и покајание“, вели ѓаконот.

    Во минатата, 2015 година, на ниво на цела МПЦ – ОА, биле разведени 139 црковни бракови, додека, пак, во првото тромесечје од оваа година разведени се 45 црковни бракови. МПЦ секоја одлука ја објавува во Службен весник во кој може да најде бројот на разводи за секоја година одделно.

    Ѓаконот потврди дека паровите кои се развенчуваат се обврзани црковниот развод да го направат во истата црква каде што се венчале на ист начин како што, правно гледано, за секое дело случено на одредена територија, надлежен е судскиот орган на таа територија.

    На прашањето, каков е ставот на Црквата за луѓето кои и покрај тоа што граѓански се развеле, не се развеле црковно, па пред Бога имаат еден маж, а пред државата друг, ѓаконот кусо одговара „Секој склучен граѓански брак, кој не е благословен од страна на Црквата, Црквата го смета за живеење во конкубинат“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира