АДВОКАТОТ ПО СЛУЖБЕНА ДОЛЖНОСТ НА ИЗБЕГАНИОТ ГРУЕВСКИ ПОБАРА ОДБИВАТЕЛНА ПРЕСУДА ЗА НЕГО ЗА НЕЗАКОНСКАТА ГРАДБА НА БЕЛАТА ПАЛАТА

    АДВОКАТОТ ПО СЛУЖБЕНА ДОЛЖНОСТ НА ИЗБЕГАНИОТ ГРУЕВСКИ ПОБАРА ОДБИВАТЕЛНА ПРЕСУДА ЗА НЕГО ЗА НЕЗАКОНСКАТА ГРАДБА НА БЕЛАТА ПАЛАТАЗемјиштето на кое се изградени новото седиште на ВМРО-ДПМНЕ и хотелот на Бетон, партијата односно обвинетите Никола Груевски и Кирил Божиновски го купиле во 2009 година за околу 150.000 евра, а нивниот вештак тврдеше дека за три години тоа вредело 8 милиони евра. (Фото: К. Попов)

    Адвокат на обвинетиот Никола Груевски кој три ипол години е во бегство во Будимпешта, а кој судот му го назначи по службена должност, побара одбивателна пресуда за него, во случајот Талир 2 – незаконска изградба на Белата палата на ВМРО-ДПМНЕ. Тој кажа дека обвинителот не го докажал делото на Груевски, го нарече ненадлежен, како и прислушуваните разговори за овој предмет.

    Не ги спомна материјалните докази и сведочењата на пратеници и други членови на партијата, кои по тежина се многу позначајни од тие прислушувани разговори, т.н. бомби. Кажа дека од соинвеститорството, не е оштетен Бетон, ниту државата. Не спомена дека според Законот за политички партии, партиите не смејат да остваруваат профит, бидејќи се непрофитни организации.

    Адвокатите на ВМРО-ДПМНЕ Донче Наков и Ружица Николовска, пак, одбија да дадат завршни зборови. Според нив, направен е пропуст од судот, што не ѝ дале можност на партијата, односно на адвокатите нејзини, да бидат испрашани за време на доказната постапка. Оттаму, сметаат тие, законот не им дава ни можност да дадат завршни зборови.

    Наков кажа дека судот при изрекување на пресудата, не смее да дозволи преку евентуална вина на обвинетите, да ѝ го одземе имотот – централното партиско седиште и штабови низ државата, сопственост на ВМРО-ДПМНЕ, која воопшто не била сослушана како засегната, односно заинтересирана страна во ова обвинение.

    За појаснување, ВМРО-ДПМНЕ не е обвинета, во Талир 2 за злоупотреба на службената положба и овластувањата, обвинети се Никола Груевски и Кирил Божиновски, кој во име на партијата, по наредба на претседателот на партијата Груевски, ги потпишувал договорите со Бетон на Минчо Јорданов, за незаконската градба на Белата палата. ВМРО-ДПМНЕ не е ни обвинета, ни оштетена, за да биде сослушана пред судот.

    Земјиштето на кое се изградени новото седиште на ВМРО-ДПМНЕ и хотелот на Бетон, партијата односно обвинетите Никола Груевски и Кирил Божиновски го купиле во 2009 година за околу 150.000 евра, а нивниот вештак тврдеше дека за три години тоа вредело 8 милиони евра. Оваа сума од осум милиони евра им треба за да се покријат над два милиона евра кои инвеститорот Бетон, чиј сопственик е Минчо Јорданов, ѝ ги дал на ВМРО-ДПМНЕ за да си купи 30 од вкупно 69 партиски штабови, за десеткатница што им ја изградил, за нејзиното опремување внатре со скап материјал, мебел, опрема и за други луксузни предмети.

    Сумата за која смета обвинителството дека е набилдана, ѝ треба на одбраната, зашто политичка партија е непрофитна организација и не смеела да прима донација над тоа што го стопанисувала со Бетон во рамки на пазарната вредност. Од 150.000 евра до 8 милиони евра е голема разликата, па во соинвеститорството на Бетон и Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, обвинителството гледа висока корупција во милионски суми евра.

    Од друга страна, Бетон тогаш 80 проценти од приходите ги имал од тендерите за Скопје 2014 и за други проекти низ државата што ги добил од тогашната власт, па премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски тогаш не смеел за возврат назад да бара пари и услуги од компанијата на која ѝ ги давал тендерите.

    Обвинителството ова го гледа како чиста корупција и ако го докаже тоа пред Основниот кривичен суд, имотот на ВМРО-ДПМНЕ од над пет милиони евра, кој е купен, изграден со забранети средства, ќе биде конфискуван.

    Преостанатите 30 објекти-штабови на партијата, се замрзнати во „Талир 1“, под сомневање дека се купени со перење пари преку уплатници со ист ракопис.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира