АДВОКАТОТ ШТО ГО ВОЗЕЛ ПАЛЕВСКИ ОД СРБИЈА ДО ТУРЦИЈА СЕ ОНЕСВЕСТИЛ КОГА ВИДЕЛ ЗА ШТО ГО ОБВИНУВААТ, А ТОЈ МУ РЕКОЛ „МЕ МЕСТИ ОЛИВЕР“

    АДВОКАТОТ ШТО ГО ВОЗЕЛ ПАЛЕВСКИ ОД СРБИЈА ДО ТУРЦИЈА СЕ ОНЕСВЕСТИЛ КОГА ВИДЕЛ ЗА ШТО ГО ОБВИНУВААТ, А ТОЈ МУ РЕКОЛ „МЕ МЕСТИ ОЛИВЕР“На 5 декември 2023, тогашнуот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски на прес-конференција покажа фотографии што ги добил од турската полиција по апсењето на Палевски. (Фото: Принтскрин од видео на Јутјуб)

    Судењето за киднапираните, па убиени Панче Жежовски и Вања Ѓорчевска продолжи со распит на сведоци преку кои обвинителството ја уриваше приказната на првообвинетиот Љупчо Палевски, дека по овие убиствата тој не бегал, туку отишол во странство да се лекува.

    Сведочеше Стефан Димковски, основач на партијата Десна на Љупчо Палевски и човек кој од Србија ноќно време, преку Бугарија, со кола го одвезе до Турција. Во секојдневието со Палевски комуницирале преку Телеграм, Воцап и други апликации.

    Палевски му се јавил на први декември лани, откако според обвинението, на 27 ноември ја киднапирал, убил и веќе ја закопал и Вања.

    „На први декември Палевски ми се јави на Телеграм. Јас ги однесов децата во градинка и отидов на сервис да ги менувам гумите. Ми се јави и ме праша дали можам да отидам да го земам од Белград. Го прашав што прави, ми рече дека е на преглед и дека завршува некои работи таму. Јас потоа проверив што имам за работа со колегите. Немав некоја посебна работа и му кажав дека може, но морам прво да го завршам сервисот и да ги сменам гумите. Му кажав дека за саат време би тргнал. Ми рече да го земам од Србија, да го вратам назад во Скопје“, сведочеше Димковски кој потоа, откако Палевски сменил план, го одвезол во Беликесир, Турција.

    „Јас стигнав околу 16 часот во Белград. Го зедов од хотел во центарот. Веднаш тргнавме назад кон Скопје. И некаде по пат застанавме на ручек, бидејќи јас бев гладен. Додека се возевме, ми кажа дека бил во Белград да договори нешто за 12-ти декември, кога требаше да биде годишнина од партијата“, одговараше сведокот.

    Но, Палевски го сменил планот. Му кажал, „што ќе дремеме овде да чекаме лет за Истанбул за утре, ако си одморен, џитни ме до Истанбул, за 5 саата сме таму“.

    Палевски попат му рекол дека веќе закажал преглед за операција во Истанбул. На прашање на обвинителството, сведокот рече дека не видел медицинска документација со него, но имал тешки торби со себе.

    Палевски вртел по телефон на многу броеви. Вртел и од бројот на сведокот кога снемал батерија. Му свртел и на обвинетиот Влатко Кешишев. Сведокот не слушнал за што разговарале.

    За Турција патувале и стигнале ноќе. Пред него, рече Димковски, Палевски не разговарал за лекарскиот преглед. Кога стигнале во Турција, го однел кај сместувањето во куќа што го нашол претходно. Газдата се викал Усеин, знаел турски и македонски. Палевски купил нова сим картичка со голем интернет. Куќата ја изнајмил за 3 месеци.

    Сведокот си заминал на трети декември, а Палевски му рекол дека прегледот му е на 4 декември.

    Но пред тргнување, сведокот забележал дека Палевски е блед и вознемирен. Го прашал што му е, му кажал дека имало апсење, полицијата го истражува пикапот и дека го мешаат и него. Му наброил кои од партијата Десна ги уапсиле, па ги пуштиле.

    Палевски имал три торби со себе, во едната имал камери и техника за да снима подкаст. Ем да се оперира од кичмата, ем да работи во Турција.

    „Уште бев во хотелот во Турција, се онесвестив кога ја слушнав изјавата на Оливер Спасовски дека Палчо го обвинуваат. Му се јавив, го прашав зошто него го спомнуваат? ‘Ова е тешка местенка против мене’, му кажал Палевски и тоа било последен пат кога се чуле.

    Но овој сведок, кој беше кратко и во притвор за помагање на бегството на Палевски, потоа го порекна тоа и кажа дека на појадокот, пред да тргнат, разгледувал опција да замине во Белорусија.

    „Не знам што ми смислил Оливер, ама можно е да барам политички азил во Белорусија“, рекол Палевски.

    Потоа, двете обвинителки го прашуваа сведокот Димковски како во Ниш политичките состаноци во Турција станале потреба за операција.

    Судењето продолжува в понеделник.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира