Претседателот на Алтернатива Африм Гаши поднел оставка од сите партиски функции, бидејќи ќе биде кандидат за претседател на Собранието, соопштија од неговата партија.
Од партијата велат дека според Уставот, претседател на Собранието не може да биде и претседател или функционер на политичка партија и поради тоа Гаши поднел оставка од функцијата претседател на Алтернатива и од сите други функции на партијата.
„На последната седница на Централното собрание на Алтернатива, одржана во четврток (23.05.2024 година), меѓу другото, се разговараше и за кандидатурата на Африм Гаши за претседател на Собранието на Република Северна Македонија. Бидејќи уставот на РСМ, член 67, одпределува дека претседателот на републичкото собрание не може да биде и претседател или функционер на политичка партија, Африм Гаши поднесе оставка од
функцијата претседател на Алтернатива и од сите други функции на партијата“, се вели во соопштението на Алтернатива.
Оттаму додаваат дека потпретседателот Беким Сали е овластен да ги извршува формалните обврски како претседател на партијата до изборот на нов претседател на Алтернатива.
За утре е закажана конститутивната седница на новиот состав на Собранието. Собранието ќе брои 120 пратеници, но на конститутивната седница ќе присуствуваат само 118 пратеници чии мандати се веќе потврдени од Државната изборна комисија и им се издадени уверенија. За два мандата за кои се прегласуваше минатата среда уште течат жалбените постапки.
Алтернатива е дел од коалицијата Вреди, која што преговара со ВМРО-ДПМНЕ околу составот на новата влада. ВМРО-ДПМНЕ на изборите на 8 мај освои 58 пратенички места, додека Вреди освои 14. Коалицијата За европска иднина предводена од СДСМ има 18 пратеници, коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ исто така има 18 пратеници, а Левица и ЗНАМ имаат по шест.