Собранието вчера со 83 гласа „за“ изгласа одлука да биде распишан јавен оглас за директор на Оперативно-техничката агенција (ОТА) која врши контрола на следењето на електронските комуникации на граѓаните. Одлуката беше предложена од пратениците Марија Костадинова од СДСМ и Арбер Адеми од ДУИ.
Но, мандатот на актуелниот директор Зоран Ангеловски истекува денеска и до избор на негов наследник, институцијата формирана пред пет години по скандалот со масовното незаконско прислушување ќе биде обезглавена. Мандатот на директорот на ОТА е пет години, без можност за реизбор.
Огласот трае 10 дена од неговото денешно објавување во „Службен весник“ и во уште три дневни весници, а потоа почнува процедурата за избор на нов директор. Пријавените кандидатури првин ги разгледува Комисијата за прашања на изборите и именувањата, а потоа се гласа на пленарна седница во Собранието.
ОТА започна со работа на 1 ноември 2018 година. Нејзиното формирање има за цел да се оневозможи каква било злоупотреба на мерката следење на електронските комуникации на граѓаните од страна на овластените органи за следење на комуникациите или операторите.