АГЕНЦИЈАТА ЗА ЛЕКОВИ НЕ КАЖУВА КОЈ ИНСУЛИН Е ВО ПРОМЕТ

    АГЕНЦИЈАТА ЗА ЛЕКОВИ НЕ КАЖУВА КОЈ ИНСУЛИН Е ВО ПРОМЕТДиректорот на Агенцијата за лекови Роберт Бекировски, одби да каже дали дијабетичарите во моментов го примаат инсулинот за кој минатиот месец Агенцијата правеше контроли (Фото: М. Златевска)

    Агенцијата за лекови и медицински помагала не кажува кој инсулин во моментов го користат дијабетичарите во земјава. Новиот директор на Агенцијата Роберт Бекировски вели одговорот да го бараме во Министерството за здравство.

    „Програмата за инсулини е во Министерство за здравство. Најбитно е дека граѓаните во моментов користат квалитетни инсулини, а за тоа кој инсулин се користи треба да се обратите во Министерство за здравство, бидејќи програмата за инсулините е таму“, рече Бекировски денес на прес конференција.

    Министерството за здравство по пресот на Бекировски не одговори на нашето прашање кој инсулин во моментов го користат дијабетичарите.

    Бекировски одби да одговори дали во инсулинските аптеки се дели инсулинот за кој минатиот месец Агенцијата правеше детални контроли, откако при првичниот инспекциски надзор утврдила дека производствената локација наведена на надворешното пакување на лекот не е пријавена во Агенцијата, и за што поведе прекршочна постапка против дистрибутерот.

    На 28 декември Агенцијата за лекови соопшти дека по деталните лабораториски проверки на овој инсулин е констатирано оти лекот е исправен и ги задоволува критериумите за квалитет и дека донеле решение за пуштање во промет на испитуваните серии.

    Истиот ден, новиот министер за здравство Венко Филипче кажа дека нема инсулинска криза во земјава, бидејќи добиле донација од еден од производителите на инсулин за да го пребродат периодот кој бил потребен за испитување на квалитетот на инсулинот што го прави Агенцијата за лекови. Филипче кажа дека добил информација оти Агенцијата веќе дала одобрение да се користи испитуваниот инсулин.

    На 27 декември пак, еден ден пред да излезе Агенцијата за лекови со соопштението за резултатот од инспекцискиот надзор, Министерството за здравство склучило договор за набавка на инсулин од друг добавувач, а според податоците од Бирото за јавни набавки, договорот е склучен во постапка со преговарање без претходно објавување оглас.

    Во описот на набавката стои дека оправданост за избор на постапка со преговарање без претходно објаснување е кога од причини од крајна итност. предизвикани од настани кои договорниот орган не можел да ги предвиди и да му се припишат како пропуст, не може да се примени рокот за објавување на отворена постапка, ограничена постапка, постапка со барање за прибирање на понуди или постапка со преговарање со претходно објавување на оглас. Во дополнителното објаснување стои дека Министерството спровело редовна јавна набавка на инсулин за периодот август 2016 до август 2018 и дека испораката на инсулин течела без проблем.

    Потписник на договорот е заменик министерот Гоце Чакаровски, кој во документот е наведен како Министер за здравство

    „Но од Агенцијата за лекови со допис од 13.12.2017 година, известени сме дека инсулинот од паралелен увоз е од сомнително потекло и квалитет и дека пред да биде пуштен во промет ќе биде испратен во лабораторија на испитување во врска со неговиот квалитет. Националната Комисија за дијабетес мелитус на 12.12.2017 година не извести дека не смее да се појави дефицит на соодветниот инсулин кој го примаат пациентите и дека е во таков случај можно е да настанат витално загрозувачки компликации кај пациентите. Поради тоа Министерството за здравство ја спроведува ова постапка со преговарање без објавување на оглас. Министерството за здравство ова постапка ја спроведува за да се надмине ново настанатата ситуација и колчините утврдени во оваа постапка ќе бидат повлечени само ако тоа е неопходно до завршување на постапката за испитување на инсулините од страна на Агенцијата за лекови, односно во зависност од добиените резултатаи од испитувањето“, стои во описот на набавката.

    Според договорот, кој е потпишан од заменик министерот за здравство Гоце Чакаровски, стои дека вредноста на набавката е 2,5 милиони денари без ДДВ и дека се набавуваат 15.000 парчиња раствор за инјектирање.

    Е. БОЧВАРОСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира