АГЕНЦИЈАТА ЗА МЕДИУМИ Е ПОЛИТИЗИРАНА, ЦЕНЗУРИРА МЕДИУМИ И СЕ МЕША ВО ИЗБОРНИОТ ПРОЦЕС, ОБВИНИ ДАМЈАН МАНЧЕВСКИ

    АГЕНЦИЈАТА ЗА МЕДИУМИ Е ПОЛИТИЗИРАНА, ЦЕНЗУРИРА МЕДИУМИ И СЕ МЕША ВО ИЗБОРНИОТ ПРОЦЕС, ОБВИНИ ДАМЈАН МАНЧЕВСКИПрекршочните пријави за двете телевизии се само последен од многуте примери за политизација на АВМУ. Но, ова е веќе и тенденција за цензурирање на медиумите, нарушување на правото на граѓаните да добијат информации во однос на кризата, како и директно мешање на АВМУ во изборниот процес, вели Манчевски (Фото:СДК.МК)

    Министерството за информатичко општество и администрација ја обвини Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги дека е политизирана и цензурира медиуми со тоа што поднесе прекршочни пријави против две телевизии зашто пренеле изјава на министерот за здравство Венко Филипче за состојба со пандемијата.

    „Како надлежно министерство за медиумите, целосно не се согласува со поднесените прекршочни пријави од страна на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги против телевизиите Телма и Алсат-М, заради пренесена изјава на министерот за здравство Венко Филипче, за време на изборниот молк. Двете телевизии на никаков начин го немаат прекршено Изборниот законик, со оглед на тоа што министерот Филипче изјавата ја дал во својство на министер и во врска со здравствената криза предизвикана од вирусот Covid-19“, вели МИОА.

    За министерот Дамјан Манчевски е несфатливо како Агенцијата не знае дека Филипче не беше на ниедна од кандидатските листи за предвремените парламентарни избори 2020 година.

    „Во време на светска пандемија и редовно дневно информирање од страна на Министерството за здравство во врска со вирусот, за нас е несфатливо како регулаторот може да ја смета оваа изјава како прекршување на изборниот молк. Ова е само последен од многуте примери за политизација на АВМУ. Но, ова е веќе и тенденција за цензурирање на медиумите, нарушување на правото на граѓаните да добијат информации во однос на кризата, како и директно мешање на АВМУ во изборниот процес“, вели Манчевски.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира