АЈДЕ НЕКА ГО УБИЈАТ, ЕВЕ ВИ ГО, СЕ СЛУША НА ДОСЕГА НЕОБЈАВЕНА СНИМКА ОД ПРЕТЕПУВАЊЕТО НА СЕЛА НА 27 АПРИЛ

    АЈДЕ НЕКА ГО УБИЈАТ, ЕВЕ ВИ ГО, СЕ СЛУША НА ДОСЕГА НЕОБЈАВЕНА СНИМКА ОД ПРЕТЕПУВАЊЕТО НА СЕЛА НА 27 АПРИЛНа снимката се гледа како обвинетите го носат Села. - Обвинетите за обид на убиство на Зијадин Села на претходно рочиште (Фото: СДК.МК)

    Досега необјавена снимка од полумртвиот Зијадин Села со крваво лице, како после влечењето низ Собранието на 27 април лани, обвинетиот Кире Георгиевски со нога го удира и нагмечува по лицето, беше прикажана денеска судската сала во Основниот суд Скопје 1. Со клоца во глава го удира и обвинетиот Оливер Ошавковски. По ова го носат Села во Клубот на пратениците на приземјето.

    Снимката е долга и таа е од безбедносната камера во Собранието. Претходно беше пуштена снимка како обвинетите за обид за убиство на Зијадин Села го носат како трофеј низ собраниските ходници со извици: „Вади го надвор маме му ебам! Надвор! За цуцето вади го надвор! А бе вади го надвор! Кај си бе курле!“.

    Во Кривичниот суд денеска се пуштаат преостанатите необјавени снимки од насилствата на 27 април лани во Собранието.

    Села го легнуваат доле, пред лифтот, сè уште на катот на прес салата. Тешко повредениот не дава знаци на живот. Се слуша тап удар.

    „Немој. Не удирај, прекини више! Удрен е!“, вели машки глас.

    „Ајде нека го убијат, еве го!“, вели друг глас. „Ајде, еве ви го!“.

    Обвинетите се на снимката, тие го носат Села. Овие снимки се од обвинетиот Оливер Ошавковски. Обвинителството докажува дека повиците за убиство се од зад објективот на камерата, т.е. од Ошавковски.

    На претходните снимки, одново низ насилствата, се виде како дојде до извлекувањето на Села.

    „Луѓе! Чекајте!“, довикува пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев по толпата која со стапови, боксови, метални држачи за фотељи удира по него, по пратениците Зоран Заев и други од СДСМ и по Зијадин Села во прес-салата на Собранието.

    На снимката се гледа како еден од десеттемина обвинети и притворени Александар Јаневски – Тошта завртен со грб полека прави простор за да го изолира Села од тие што ги тепаат Заев и пратениците од СДСМ. Села е во аголот на прес-салата.

    Во еден момент како копје лета голем и дебел стап кон Села и го погодува во главата. Тошта го фаќа повредениот Села. Им се приближува маскирано лице со црна маица, за кое обвинителството ќе докажува дека е еден од обвинетите. Се наближува и обвинетиот Никола Војминовски. Клоца некого на подот. Го прави тоа забрзано зад Тошта. И тој е наведнат. Села во еден момент се исправа на кратко.

    Во следната снимка го нема Села, ги нема обвинетите, Сашо Сенков и Никола Војминовски. Ѓорчев е дојден поблиску до местото каде што стоеше претходно Села. Обвинителството бара да се забележи неговата позиција, аголот и доброто видно поле. Овие снимки, обвинителот Дарко Јакимовски ги нашол во мобилниот на сведокот Игор Ивановски. На последната, досега непуштена снимка пука димна бомба, влегуваат конечно специјалците на МВР.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира