АКАДЕМИЈА НА НАУКИ МОЖЕ ДА СЕ ФОРМИРА САМО ОД СОБРАНИЕТО ИЛИ ОД ВЛАДАТА, А ЗА МЕШОВИТА НАУЧНА УСТАНОВА НА НИВО НА ОПШТИНИ ТРЕБА БАДЕНТЕРОВО МНОЗИНСТВО ВО СОВЕТИТЕ

    АКАДЕМИЈА НА НАУКИ МОЖЕ ДА СЕ ФОРМИРА САМО ОД СОБРАНИЕТО ИЛИ ОД ВЛАДАТА, А ЗА МЕШОВИТА НАУЧНА УСТАНОВА НА НИВО НА ОПШТИНИ ТРЕБА БАДЕНТЕРОВО МНОЗИНСТВО ВО СОВЕТИТЕОд првиот состанок на „Вреди“ за формирање Академија на Албанците за наука и уметност во Северна Македонија, на 27 јули во Тетово (Фото: Фејсбук)

    Министерот за евроинтеграции Орхан Муртезани, од редовите на Коалицијата „Вреди“, смета дека перцепцијата кај Албанците е оти се слабо застапени во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), како по број на академици, така и во администрацијата, но вели дека не знае зошто тие не се пријавувале на огласи за прием на нови членови, бидејќи не работи во Академијата.

    На прашање каде имаат Албанците голем потенцијал во научен кадар кој може да даде придонес во научната мисла и во истражувањето, а тој кадар не е застапен во МАНУ, Муртезани кажа дека тие конкретни бројки и области тој не ги знае, но перцепцијата останува.

    Академик Алајдин Абази е еден од двајцата актуелни потпретседатели на МАНУ.

    На 28 јули, Коалицијата „Вреди“, која е дел од Владата, соопшти дека почнала постапка за формирање на Академијата на Албанците за наука и уметност во Северна Македонија. Лидерот на коалицијата и министер за здравство Арбен Таравари на својата фејсбук страница објави дека првиот состанок на оваа тема се одржал во Тетово, но седиштето на академијата ќе биде во Скопје. Таа прво ќе биде финансирана од општински буџет, а потоа ќе работат на нејзино финансирање од државата.

    Вчера, претседателството на МАНУ кажа дека во Македонија, како и во земјите од регионот и насекаде во светот, постои само една национална академија која ја претставува државата во европската и во други меѓународни асоцијации на академии.

    „Од нејзиното основање до денес, во Академијата членови биле припадници на македонскиот народ, но исто така и на сите етнички заедници. Меѓу другите, во последната декада во составот на МАНУ имаше четири члена од албанска етничка припадност (од коишто во трите последователни раководства еден беше научен секретар, а двајца потпретстедатели на Академијата, од кои еден е во актуелното раководство), како и три члена надвор од работниот состав, соопшти Претседателството на МАНУ.

    Во изјава за ТВ24, академик Абази исто така рече дека не може да има две национални академии на науки и уметности.

    „Според принципите, не може да има две национални академии на науките и уметностите, не може Општините да ја финансираат Академијата како што се предлага. Имаме една Академија за сите“, рече академик Абази.

    Ни во Законот за научно-истражувачка дејност, ни во Законот за локална самоуправа постои можност за формирање паралелна, микро, општинска научна академија. Дури и за мешовита научна установа која може да ја формираат општините, има строги законски услови кои мора да се исполнети, но и бадентерово мнозинство во Советот на Општината каде што се сака да се формира таква мешовита научна установа.

    Јавна научна установа (МАНУ):

    Член 16

    Јавна научна установа може да основа Владата со средства од државна сопственост како државна (национална установа) согласно со критериумите пропишани во членот 5 од овој закон.

    Јавна научна установа може да се основа, ако:

    – има програма во која се определени подрачјата на научните истражувања,

    – се обезбедени соодветни простории и опрема за остварување на научно-истражувачка и стручна дејност и

    – е обезбеден потребен број лица кои ги исполнуваат условите утврдени за избор во научни звања и тоа најмалку шест истражувачи, од кои тројца со докторат на науки и тројца со магистратура.

    Членот 5, пак, вели:

    Јавен интерес во научно-истражувачката дејност претставуваат истражувања кои се:

    – придонес за развојот на научната мисла и подигање на научното ниво во сите подрачја, полиња и области на науката,

    – придонес за трансферот на светските знаења, технологии и вештини,

    – општ услов за вкупниот развој на Македонија,

    – од областа на историскиот и културниот идентитет на македонскиот народ, како и граѓаните кои живеат во нејзините граници кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите што живеат во Македонија,

    – презентација на постигнатите научни резултати во светот и кај нас и

    – од областа на одбраната и безбедноста.

    Мешовита научна установа (Член 17 од Законот), може да основа Македонија, Градот Скопје, Општината со домашно или странско правно и физичко лице (соосновачи), со средства од буџетите на  Македонија, на Градот Скопје и на Општината, од една страна и од сопствени средства на странско или на домашно правно или физичко лице, од друга страна.

    Соосновачите на мешовита научна установа стекнуваат основачки удел во установата во согласност со вложените средства.

    Мешовита научна установа може да се основа ако се исполнети следниве услови:

    – има програма во која се определени подрачјата на научните истражувања,

    – има во работен однос најмалку пет истражувачи од кои тројца со докторат на науки и двајца со магистратура,

    – научно-истражувачката дејност е нејзина главна дејност и

    – има обезбедено потребни средства, опрема и простор за работа.

    Законот за научно-истражувачка дејност предвидува и казни ако некој формира субјект за вршење научно-истражувачка дејност, а не ги исполнува условите, ако само така го украде и го стави во статут називот „научно-истражувачка работа“, ако статутот не му е одобрен од државен орган, ако не е поврзан со научната база на државата и ако не ја „храни“ таа база со резултати од истражувањата.

    Под овие санкции во Законот, подлегнуваат и приватните научни установи, што значи условите се исто толку строги и за нив.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира