Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров вели дека ќе продолжат разговорите со Бугарија, но нема да има преговори за тоа кои сме и кој јазик го зборуваме, во интервју за австриски „Дер Стандард“ по бугарското вето за почетокот на пристапните преговори со ЕУ. Димитров вели и дека ако нашиот процес на пристапување во ЕУ се сведе на билатерален проблем за историја и тоа стане поважно од борбата против корупција, независноста на судството, функционирањето на демократските институции и слично, тогаш тоа ќе стане процес кој нема да европеизира, туку процес кој балканизира.
„Ако нашиот процес на пристапување се сведе толку многу на билатерален проблем што дискусиите за историјата ќе станат поважни од борбата против корупцијата, независноста на судството, функционирањето на демократските институции, слободата на медиумите, околината и енергијата, тогаш тоа не е процес кој европеизира, туку процес кој балканизира. Затоа нам ни е потребна реформска агенда со мрежа на пријатели кои се тука да ни помогнат и мораме да си поставиме јасни цели и да работиме на нив. Бидејќи не би требало да губиме време“, изјави Димитров.
Прашан дали ќе прекинат разговорите со бугарската влада и ќе се чека на промена од страна владата во Софија, тој вели дека разговорите ќе продолжат.
„Ние и понатаму ќе разговараме со Софија, но нема да преговараме за тоа кои сме и кој јазик го говориме. Тоа е дел од еден историски процес, а не политичка одлука. Ние му ја должиме на нашиот народ заштитата на своето достоинство и идентитет. А ако Софија не се повлече ќе мораме да најдеме нови начини на кои ќе ја европеизираме нашата земја“, вели вицепремиерот, кој нема одговор дали Бугарија ќе попушти или ќе остане непоколеблива.
Димитров смета дека бугарското вето за нашите евроинтеграции е многу лош сигнал за регионот.
„Ние бевме првата држава овде која потпиша Спогодба за стабилизација и асоцијација со ЕУ. Статус кандидат имавме 15 години. Најпрво бевме блокирани од Грција, но го решивме овој проблем. Потоа Франција покрена нова методологија за проширување и сега постои нов проблем со Бугарија. Навистина е тешко да се разбере дали ЕУ е сериозна во однос на нас. Во март оваа година сè уште имаше зелено светло од Советот на ЕУ – Бугарија беше дел од овој консензус. Потоа, во октомври, добивме многу позитивен извештај од Европската комисија. А што се однесува до политичките критериуми, прилично сме напреднати дури и во споредба со оние земји кои преговараат веќе неколку години. Во последните три и пол години ги решивме проблемите со соседите, направивме големи чекори кон отворено, демократско, мултиетничко општество и спроведовме реформи за правна држава. Каква порака, всушност, се испраќа до регионот доколку ова не биде препознаено од ЕУ“, прашува Димитров.
Вицепремиерот потсетува дека за бугарските тврдења за „таканаречена македонска нација“, како и тоа дека македонскиот јазик е западнобугарски дијалект, не би требало да има простор во 21. Век.
„Ниедна друга земја нема правна основа за отворање прашања кои се во центарот на нашиот суверенитет. Нашиот јазик е наша работа. А ставањето под знак прашалник на јазикот и идентитетот на соседот не е добрососедство, а искрено, во 2020 година не е ни пристојно“, вели Димитров, повторува дека Македонија ќе се европеизира на овој или оној начин.