Ако дете на 2,5 години кое досега не било редовно вакцинирано, вчера ја примило третата доза на ДиТеПер вакцината, најрано што може да ја прими ревакцината е за шест месеци и тогаш да појде во градинка, рече д-р Александра Грозданова, претседателка на Националниот комитет за имунизација во вечерашната емисија Топ тема на Телма.
Од 11 март е забранет прием во градинките, на невакцинирани и нецелосно вакцинирани деца со ДиТеПер вакцината, а министерот за здравство Илир Демири денеска кажа дека на утрешниот состанокот на Комисијата за заразни болести треба да биде појасно за родителите и за вработените во градинките во Скопје дали забраната за прием на невакцинирани деца со ДиТеПер важи за тие што не се вакцинирани или и за тие што не ја примиле ревакцината.
Поради забуната во јавноста и различното толкување на „целосно неимунизирани“ , родители реагираат не е јасно дали се работи за вакцина, која се прима во три дози – на двомесечна, тримесечна и на шестмесечна возраст, или ја опфаќа и ревакцината, која според календарот за имунизација треба да се прими на 18-месечна возраст односно една година по последната од трите дози на вакцината.
„Докторите на вакциналните пунктови не смеат да боцнат дете ако возраста или периодот помеѓу дозите не е во согласност со Календарот за имунизација. Матичниот педијатар треба да го води родителот низ Календарот, но и градинките требало да реагираат ако дете на 3 години нема примено ниту една доза вакцина“, кажа д-р Грозданова.
Д-р Катерина Ставриќ од Клиниката за детски болести рече дека пандемијата со ковид-19 заврши пред една година, и родителите имаа доволно време да ги надоместат пропуштените дози на вакцини, а не како сега, приоритет е градинката и сите брзаат да ги вакцинираат децата.
„Кога зборуваме за целосно вакцинирано дете согласно возраста, зборуваме за дете кое ги има примено сите вакцини според Календарот за имунизација. Во поглед на пертусис, тоа подразбира детето да има примено три дози на вакцини на два, четири и шест месеци и во текот на втората година треба да ја прими првата ревакцина. Ова е за дете во предшколска возраст. Тоа е целосно вакцинирано дете според Календарот. Секое отстапување од ова е нередовно вакцинирано. Во ред е дека родителите ја заборавиле ревакцината на 18 месеци. Но, ние сега доаѓаме во ситуација да видиме дека има деца кои не се имунизирани со една или две дози од првите три дози коишто треба да ги примат во првите шест месеци. Сега одеднаш оваа забрана ги натера да се вакцинираат“, рече д-р Ставриќ.
На прашањето на новинарот дали можеби треба да се промени одлуката во однос на тоа да се дозволи деца да одат во градинка без ревакцината, д-р Грозданова, д-р Ставриќ и д-р Злате Мехмедовиќ, кој е портпарол на Комисијата за заразни болести рекоа дека не треба да се промени.
„Ова е Календар за имунизација во цел свет, не е само кај нас“, кажа д-р Мехмедовиќ.
ДиТеПер вакцината се прима на 2, 4, 6 месеци, ревакцината на 18 месеци и на 7 години.
Б. НЕСТОРОСКА
Погледнете го, или слушајте го подкастот со д-р Александра Грозданова на нашиот јутјуб канал.