Од кабинетот на премиерот во оставка Зоран Заев го повикуваат вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, кој исто така е на заминување, да каже против што е од македонските позиции во разговорите со Бугарија, откако Димитров денеска кажа дека имал сериозна битка внатре во владата по однос на националните позиции за спорот со Бугарија и токму поради различните позиции не е дел од новата влада.
„Доколку Димитров е против било што од позициите кои сме ги изградиле заедно, чесно е заради народот да го каже тоа и да објасни зошто, бидејќи во спротивно останува само впечатокот дека неговото неучество во идната влада е причина за ваквите неточни и шпекулативни јавни манифестации со цел од напред да се става товар на недоверба во владата“, се вели во реакцијата од кабинетот на Заев.
Оттаму велат дека јавноста е добро запознаена со македонските позиции и тие се изградени низ сеопфатен консултативен процес и работни состаноци во кои Никола Димитров имаше активна и суштинска улога и за кои придонесе со своите ставови, и додаваат дека таквите позиции се целосно на линија на португалскиот предлог кој беше предлог и на словенечкото претседателство, но и целосно во согласност со Резолуцијата усвоена во Собранието на Северна Македонија.
„Северна Македонија има јасни позиции во разговорите со Бугарија, изградени со целосно владино единство и испратени како одговор од нашето МНР до бугарското МНР. Македонскиот идентитет и македонскиот јазик воопшто не се тема на разговор помеѓу нас и Бугарија“, велат од кабинетот на Заев, додавајќи дека со македонските позиции во овие преговори се согласил и Димитров, за кого велат дека имал сериозен удел во создавањето на тие наши позиции, низ процесот кој го водел министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
Денеска, Димитров кажа и дека нема доверба во Османи, за кого рече дека „има ‘драјв’ за успех по секоја цена, што е опасно и непродуктивно“, во преговорите со Бугарија за одблокирање на македонските евроинтеграции.