Во заедничката изјава „Европски Западен Балкан“, македонскиот премиер Зоран Заев, албанскиот премиер Еди Рама и српскиот претседател Александар Вучиќ велат дека и покрај предолгиот статус-кво во однос на Европската унија и постојаниот неуспех на ЕУ да ги исполни своите ветувања, трите земји сами ќе почнат да ги спроведуваат четирите слободи на ЕУ – движење на луѓе, стоки, услуги и капитал, во регионот.
„Нашите земји се дел од Европа и секогаш ќе бидат. На земјите од Западен Балкан им е потребна ЕУ колку што и се тие потребни на ЕУ. Постојаниот неуспех на ЕУ да ги исполни своите ветувања и нејзината неможност да се движи напред со отворање на првата меѓувладина конференција со Албанија и Северна Македонија, оди против европската волја на нашите земји и против интересите на самата ЕУ. Нашата историја и нашата иднина се европски и живееме во регион опкружен со границите на Европската унија. Контекстот во кој се наоѓаме е предизвикувачки и истиот е предизвикан од предолгиот статус кво на Унијата vis-a-vis нашиот процес на интеграција во ЕУ. Сепак ние остануваме уште попосветени на нашиот пат кон ЕУ и на регионалната соработка. Сакаме порано, отколку подоцна, да видиме дека четирите слободи на ЕУ – движење на луѓе, стоки, услуги и капитал – се спроведуваат низ целиот регион. И ние ќе сториме сè што е во наши раце да се движиме кон оваа цел преку моќта на нашиот пример“, се вели во заедничката изјава на тројцата лидери по денешниот состанок преку видеоконференциска врска.
Тројцата ќе се сретнат на 29 јули во Скопје за да го потврдат напредокот и да потпишат договори кои произлегуваат од спроведувањето на обврските од Берлинскиот самит меѓу трите земји. Станува збор за договори за соработка и помош во случај на природни катастрофи, како и за олеснување на трговијата, извозот и увозот меѓу нашите земји.
„Како регион со приближно 18 милиони луѓе, можеме да ги зајакнеме нашите економии, да ја зголемиме благосостојбата на нашите луѓе и да донесеме големи инвестиции што инаку не би биле возможни доколку го правиме тоа поединечно“, се вели во заедничката изјава.