АКО ГО ПРИФАТИ СУДОТ РАЗГОВОРОТ ШТО ГО СНИМАЛ ГРУЕВСКИ СО КАМЧЕВ, ТОГАШ ДА СЕ ПРИФАТИ И РАЗГОВОРОТ ВО КОЈ СЕ ФАЛИ ДЕКА НАШОЛ ЗЕМЈИШТЕ ЗА ЏАБАЛ’К, КАЖА ОБВИНИТЕЛКАТА СТЕФАНОВА НА „ПЛАЦЕВИ НА ВОДНО“

    АКО ГО ПРИФАТИ СУДОТ РАЗГОВОРОТ ШТО ГО СНИМАЛ ГРУЕВСКИ СО КАМЧЕВ, ТОГАШ ДА СЕ ПРИФАТИ И РАЗГОВОРОТ ВО КОЈ СЕ ФАЛИ ДЕКА НАШОЛ ЗЕМЈИШТЕ ЗА ЏАБАЛ’К, КАЖА ОБВИНИТЕЛКАТА СТЕФАНОВА НА „ПЛАЦЕВИ НА ВОДНО“И обвинетиот Камчев смета дека тоа што Груевски го снимал без негово знаење е незаконски. - Обвинителката Стефанова и Камчев на судење за „Плацеви на Водно“ (Фото: СДК.МК)

    Обвинителката Лиле Стефанова му предложи на судот да се замрзнат, а по завршувањето на постапката и да се запленат трите апартмана од 750 метри квадратни во Панорама резиденс, моментално на име на Мето Стојчевски (сопруг на Тина Камчева, сестра на Јордан Камчев), а за кои обвинителството тврди дека се на Никола Груевски.

    На денешното продолжение на предметот „Плацеви на Водно“, во кој првообвинет е Никола Груевски, потоа Орце Камчев, Ристо Новачевски, Ненад Јосифовиќ, Сашо Мијалков и Ратка Камчева, адвокатот на избеганиот Груевски како доказ приложи вештачење дека разговорот меѓу Груевски и Камчев кој снимателот во бегство го пушти викендот, е автентичен.

    „Јас ги имам овие разговори и на усб. Викендов ги слушна и јавноста, што е добро. Оттаму сметам дека не се докази, еве зошто. Груевски го снимал соговорникот без да му каже, што го прави незаконски. Според Европскиот суд за човекови слободи и права од Стразбур, кога се работи за повисок јавен интерес, ваквите докази може да се прифатат. Но, таму нема јавен, има интерес само на Никола Груевски. Груевски ги имал уште во февруари, ги чувал и не ги предложил како доказ. Ако ги прифати судот овие јавно објавени разговори, тогаш и обвинителството бара да ги прифати судот како доказ јавно објавените разговори каде обвинетиот Груевски кажува дека нашол ‘земјиште за џабал’к'”, кажа обвинителката Лиле Стефанова.

    Адвокатите на Камчев кажаа дека во целост ја поддржуваат обвинителката Стефанова.

    Адвокатот на Груевски се побуни и кажа дека се законски, не се ова снимки од институција.

    „Разговорот е сниман со приватен мобилен телефон, тоа е законски”, кажа адвокатот на снимателот Груевски.

    Судијата сепак го одби сниманиот разговор со Камчев, како незначаен за постапката.

    Спротивно на разговорот што го снимал Груевски, Камчев во исказ пред судот, призна дека плацевите на Водно се на Груевски, кои по објавувањето на бомбите од страна на СДСМ, ги трампал за три апартмана во луксузниот комплекс Панорама резиденс.

    Претходно денеска, пред судот побара збор адвокатката на Ирена Самсоненко, место неа. Побара одмрзнување на имотот на „Лајв кеар центар“, фирма на Самсоненко.

    Но, Стефанова кажа дека е повикана како сведок и треба првин на прашањата да одговори.

    Потврди дека оваа фирма е на Ирина Самсоненко, од 2019 година, кога била направена промената во Централен регистар. Во март 2021 биле платени обврските за купопродажниот договор за три од парцелите на Груевски.

    Доказната постапка за Плацевите на Груевски денеска заврши. Завршните зборови се закажани за 12 април.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира