АКО ИЗБЕГА ТРАЈКО, НЕМА ДА БИДЕ ОДГОВОРЕН СУДОТ, ТУКУ СОБРАНИЕТО, МУ ОДГОВОРИ КРИВИЧНИОТ СУД НА ЏАФЕРИ

    АКО ИЗБЕГА ТРАЈКО, НЕМА ДА БИДЕ ОДГОВОРЕН СУДОТ, ТУКУ СОБРАНИЕТО, МУ ОДГОВОРИ КРИВИЧНИОТ СУД НА ЏАФЕРИОд Кривичниот суд потврдија дека во текот на вчерашниот ден Собранието доставило известување дека не донел одлука за одземање на имунитетот на двајцата пратеници. - Трајко Вељаноски; Талат Џафери (Фото: СДК.МК)

    Во врска со изјавата на претседателот на Собранието Талат Џафери дека судот ќе биде одговорен за евентуално бегство на осомничените Трајко Вељаноски и Љупчо Димовски, од Основниот суд Скопје 1 одговорија дека судот не може да постапи по барањата на обвинителството за изрекување мерка притвор бидејќи Собранието не донесело одлука за нивниот пратенички имунитет и поради тоа се неприфатливи таквите изјави.

    „Сведоци сме дека за првпат Собранието кое е надлежно да одлучува за имунитетот во законски утврден рок, не донесе одлуки, а со тоа го оневозможи Судот да одлучува за мерката притвор на пратениците. Затоа, неприфатливи се изјавите дека Судот ќе биде одговорен за одолговлекување на постапката, дотолку повеќе што Судот не може своеволно и спротивно на законот да определува било какви мерки за обезбедување доколку за истото не се создадени услови“, соопшти попладнево Кривичниот суд.

    На утринскиот брифинг со новинарите, Џафери кажа дека одговорноста за евентуално бегство на осомничените пратеници ќе биде кај судот, бидејќи судот треба да го обезбеди присуството на сите осомничени и обвинети.

    Од Кривичниот суд потврдија дека во текот на вчерашниот ден Собранието доставило известување дека не донел одлука за одземање на имунитетот на двајцата пратеници за кои Јавното обвинителство достави предлози за определување мерка притвор, поради пробиен рок за одлучување.

    „Имајќи го предвид известувањето и одредбите од ЗКП, судот не може да постапува по предлогот за определување на мерката притвор без претходно позитивно произнесување на Собранието во однос на имунитетот“, велат од судот.

    Од Основниот суд Скопје 1 додаваат дека доколку обвинителството поднесе нов предлог поради нови или изменети околности, Судот веднаш ќе се обрати до Собранието и доколку навремено се добие одлука од Собранието, веднаш ќе постапи.

    Вељаноски е осомничен во истрагата на Обвинителството за организиран криминал и корупција за организација на нападот на Собранието на 27 април 2017, додека Димовски е осомничен во истрага за злоупотреби со земјоделско земјиште додека бил министер за земјоделие.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари