АКО НИЕ КАКО ЕУ НЕ Ѝ ПОДАДЕМЕ РАКА НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА, КИНА И РУСИЈА ЌЕ НЀ ЗАМЕНАТ, РЕЧЕ ИТАЛИЈАНСКИОТ МИНИСТЕР ЗА НАДВОРЕШНИ РАБОТИ ТАЈАНИ

    АКО НИЕ КАКО ЕУ НЕ Ѝ ПОДАДЕМЕ РАКА НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА, КИНА И РУСИЈА ЌЕ НЀ ЗАМЕНАТ, РЕЧЕ ИТАЛИЈАНСКИОТ МИНИСТЕР ЗА НАДВОРЕШНИ РАБОТИ ТАЈАНИМене зборот проширување не ми се допаѓа, ова се европски земји и ние треба да зборуваме за спојување на земјите од Западен Балкан кон ЕУ, кажа италијанскиот министер. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани кажа дека Европската унија мора да ѝ подаде рака на Македонија, ако не, тоа ќе го направат Кина и Русија. Тајани, кој денеска беше во посета на земјава и имаше средба со министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, рече дека Италија е голем поддржувач на Северна Македонија и дека работат за што побрзо членство во ЕУ.

    „Мојата посета овде не е само формална, туку е јасна порака за поддршка која ја даваме на земјите од Западен Балкан за влез во ЕУ. Мене зборот проширување не ми се допаѓа, ова се европски земји и ние треба да зборуваме за спојување на земјите од Западен Балкан кон ЕУ. Не треба да направиме грешка и да исчезне сонот на илјадници млади луѓе од Балканот кои гледаат кон Европа како своја втора татковина. Ако ние не покажаме дека сакаме да ја подадеме раката од тие што ни ја даваат, има некој друг кој сака да нѐ  замени, како што се Кина и Русија. Тоа е неприфатливо и Италија секогаш давала и ќе дава поддршка на земјите од Западен Блакан“, рече Тајани.

    Министерот Муцунски кажа дека на средбата покрај за поддршката за членство во Европската унија се разговарало и за продлабочување на економската соработка со Италија.

    Прашан дали Италија дава поддршка за барањето на оваа Влада за промена на преговарачката рамка, односно прво да се завршат преговорите со ЕУ, а потоа да имаме промена на Уставот и внесување на Бугарите како малцинство, Муцунски рече дека на оваа тема се дискутира со сите европски земји и партнери.

    „Јас сметам дека тоа може да се направи и без промена на преговачката рамка. Ние имаме за цел да имаме предвидлив пат кон ЕУ, повторно да не бидеме прелажани и да бидиме доведе во ситуации од соседите во кои сме биле порано. Наша примарна цел е да бидеме фокусирани на домашните реформи и владеење на правото. Доколку постои волја кај земјите-членки, нема предизвик кој не може да се надмине“, рече Муцунски.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира