САД не ги доставуваат до македонските власти доказите за лицата ставени на црната листа, поради почитување на нивната приватност, но американската амбасадорка во Скопје Анџела Агелер вели дека штом можеле тие да ги соберат доказите, можат и македонските власти.
„Ние не споделуваме такви информации, но тие се лесно достапни, а доколку ние можеме да собереме доказите, верувам дека и македонските власти можат“, кажа Агелер, откако вчера Стејт Департментот ги означи поранешниот вицепремиер Артан Груби и апелацискиот судија Енвер Беџети за вмешаност во значителна корупција.
- АРТАН ГРУБИ И СУДИЈАТА ЕНВЕР БЕЏЕТИ НА ЦРНАТА ЛИСТА НА САД, ЗЕМАЛЕ МИТО ЗА СУДЕЊАТА НА МИЈАЛКОВ
- СУДИЈАТА ЕНВЕР БЕЏЕТИ ОД ЦРНАТА ЛИСТА НА САД ГО ЗАСТАРЕ ПРЕДМЕТОТ НА МИЈАЛКОВ, ЈА РАЗРЕШИ ДАМЕВА И ПРЕДИЗВИКА НЕВИДЕН ЗАСТОЈ ВО ИЗБОРОТ НА СУДИИ ВО ВРХОВНИОТ СУД
Одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција во амбасадата, Агелер рече дека во Вашингтон се разгледуваат и дополнителни санкции.
„Стејт департментот на Соединетите Aмерикански Држави вчера презедоа значаен чекор во борбата против корупцијата, со ставање на поранешниот вицепремиер Артан Груби и апелацискиот судија Енвер Беџети на американската црна листа, поради политичко мешање во судството. Затоа, на нив и на нивните најблиски членови на семејството им е забранет влезот во САД. Во Вашингтон во меѓувреме се разгледуваат и дополнителни санкции“, кажа таа.
Амбасадорката вели дека тие не можат да влијаат на тоа што ќе направат македонските власти, но се надева дека ќе преземат соодветни чекори по акциите на Стејт Департментот.
„Имате финансиска полиција, финансиско разузнавање, обвинителство и судски институции. Верувам дека граѓаните во оваа земја сакаат да видат резултати“, вели амбасадорката.
М. ИЛИОСКИ