АКО НОВАТА ВЛАДА ВО СКОПЈЕ СЕ ОТКАЖЕ ДЕКА СЕ ЕДИНСТВЕНИ ПОТОМЦИ НА АЛЕКСАНДАР, МОЖЕН Е РАЗВОЈ НА ПРАШАЊЕТО ЗА ИМЕТО, ИЗЈАВИ ГРЧКИОТ ПРЕМИЕР ЦИПРАС

    АКО НОВАТА ВЛАДА ВО СКОПЈЕ СЕ ОТКАЖЕ ДЕКА СЕ ЕДИНСТВЕНИ ПОТОМЦИ НА АЛЕКСАНДАР, МОЖЕН Е РАЗВОЈ НА ПРАШАЊЕТО ЗА ИМЕТО, ИЗЈАВИ ГРЧКИОТ ПРЕМИЕР ЦИПРАСМожно е 2018 да е година во која би можеле да имаме позитивна разврска за долгогодишниот проблем - Алексис Ципрас и претседателот на Србија Александар Вучиќ во Белград (Фото: Танјуг)

    Следната година би можела да донесе позитивен развој на прашањето за името, изјави грчкиот премиер Алексис Ципрас во Белград каде што се одржа состанок на премиерите на четирите балкански земји Србија, Бугарија, Романија и Грција.

    Изјавата доаѓа пред најавената средба во понеделник на посредникот на ОН Метју Нимиц со преговарачите во Брисел.

    „Можно е 2018 да е година во која би можеле да имаме позитивна разврска за долгогодишниот проблем, доколку новата влада на Скопје реши да направи суштински чекори напред, ако запре со, според моето мислење, непотребната реторика дека се единствените потомци на Македонците и на Александар Велики, ако запре со иредентистичката реторика и во исто време прифати едно решение за името, заемно прифатено со соседите“, изјави Ципрас.

    Тој рече дека „во оваа перспектива, секако, јас, ќе бидам првиот за Грција да ја гарантира развојната перспектива и безбедноста на оваа соседна земја “.

    Бугарскиот премиер Бојко Борисов  рече дека „прашањето за името меѓу Македонија и Грција мораме да го решиме“.

    „Мора да се обединиме и да ѝ помогнеме на Европската комисија да му помогне на Брисел да донесат правилни одлуки, а не да поставуваат некакви ултиматуми“, изјави Бојко Борисов.

    Состанокот во Белград беше посветен на бугарското претседавање на ЕУ кое започнува од 1 јануари идната година и како тоа да се искористи за Балканот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира