АКО САКАА, ОБВИНЕТИТЕ ДОСЕГА ТРИ ПАТИ ЌЕ ГИ ПРЕСЛУШАА БОМБИТЕ ЗА КИНЕСКИТЕ АВТОПАТИ, РЕАГИРАШЕ СЈО НА ПОСТОЈАНИТЕ ОДЛОЖУВАЊА НА СУДЕЊАТА ПРОТИВ ГРУЕВСКИ

    АКО САКАА, ОБВИНЕТИТЕ ДОСЕГА ТРИ ПАТИ ЌЕ ГИ ПРЕСЛУШАА БОМБИТЕ ЗА КИНЕСКИТЕ АВТОПАТИ, РЕАГИРАШЕ СЈО НА ПОСТОЈАНИТЕ ОДЛОЖУВАЊА НА СУДЕЊАТА ПРОТИВ ГРУЕВСКИПратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски по еден ден пауза, утринава дојде во Основниот суд Скопје 1 за судењето за „Траекторија“, откако во понеделникот беше за „Тенк“. (Фото: М. Златевска)

    Обвинителката од СЈО Лиле Стефанова на денешното рочиште во Основниот суд Скопје 1 за предметот „Траекторија“ кај што е обвинет експремиерот Никола Груевски, кажа дека одбраната прави сè за да не може да почне судењето.

    Откако Стефанова и колегата Бурим Рустеми од СЈО ги ислушаа полчасовните говори на адвокатите на Груевски, како ги повторуваат истите барања до судијата Горан Бошевски, за кои што тој веќе одлучи да им ги одбие, специјалната обвинителка стана и рече:

    „Истите предлози на одбраната се повторуваат и се повторуваат. Тие веќе беа поднесени и судот одлучи за нив. Ние сè уште не сме ја започнале главната расправа, нема воведни зборови, а нема ниту една причина да не почне расправата. Сите докази на ова обвинителство им се дадени на обвинетите. Телефонските разговори и смс пораките им беа достапни и досега ако сакаа три пати можеа да ги преслушаат. Забележувам дека сето ова е во насока да се одложува почетокот на постапката“.

    Судијата Горан Бошевски на ова немаше коментар, даде пауза и продолжението за денешното рочиште за провизиите за кинеските автопати под назив „Траекторија“ го закажа за 12 часот.

    Во паузата Бошевски и советот треба да одлучат по предлозите на адвокатите на обвинетите за кои што Стефанова забележа дека не смее да се даваат така во тек на судењето, туку тоа се прави претходно.

    Во „Траекторија“, покрај Груевски, обвинети се поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и бившиот директор на ЈП за државни патишта Љупчо Георгиевски.

    Криминалот, според СЈО, Пешевски, Јанакиески и Георгиевски го извршиле во втората половина од 2012 и во текот на 2013 година во постапка за изградба на автопатите Скопје-Штип и Кичево-Охрид. Обвинети се дека со делото злоупотреба на службената положба и овластувањата, државниот буџет го оштетиле за 155.117.172 евра и за истиот износ на изведувачот „Синохидро“, му овозможиле да се стенкне со противправна имотна корист. Груевски е обвинет за примање награда за противзаконито влијание.

    Истрагата за кинеските автопати произлезе од 14. бомба на лидерот на СДСМ Зоран Заев, кој објави прислушуван разговор меѓу Груевски и Јанакиески за кинеските автопати.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира