Нашата фарма во 2017 година произведе 900 илјади литри млеко, а годинава очекуваме намалено производство од само 180 илјади литри млеко. Поради ова, бројот на вработени е намален за 60-70 отсто, вели Анета Јорданова, менаџерка во краварската фарма „Ерџелија“ од Свети Николе.
Фармата „Ерџелија“, отворена во 2006, располага со 1.500 хектари обработлива земја. Пред 16 години, фармата почна со 16 крави и постепено купувајќи нови крави од Германија и Австрија секоја година, го зголеми бројот на 500. Сега, фармата поседува вкупно 100 крави, од кои само 40 даваат млеко. Не многу одамна, фармата произведуваше 4-5 тони млеко дневно, додека денеска производството на млеко е намалено на 450-500 литри дневно.
Според Никола Петковски, директор и сопственик на „Ерџелија“, изминатите неколку години земјоделскиот фонд во Македонија се намалува за 15-20 илјади крави годишно.
„Ако млекарите продолжат да нудат така ниска откупна цена, додека истовремено го продаваат млекото 4 пати поскапо во малопродажба, ние немаме шанса да се одржиме, и бројот на крави ќе продолжи да се намалува сè додека не пропадне фармата. Ова не е случај само со нас, туку е проблем за сите фарми во Македонија“, вели Петковски.
Јорданова, која е агроном, вели дека причините за намалените бројки на крави и на количеството на произведено млеко се многу, но главниот проблем на фармата е ниската откупна цена во земјата. Според фармерите, откупната цена на млекото треба да биде 40-50 отсто од цената во малопродажба.
Исто така, според Јорданова, ниската откупна цена на млекото ги носи краварските фарми на раб на банкрот. Во моментов, откупната цена на млеко со 4 отсто масленост е 28 денари за литар. Додека во малопродажба, литар пастеризирано млеко со масленост од 0,9 до 3,2 отсто е од 80 до 90 денари, што е највисока цена во регионот.
Петковски вели дека ситуацијата може да се реши ако Владата почне навреме да дава субвенции за млеко.
„Субвенциите во моментов се два денара по литар, но тие доцнат по година, година и пол. Па, кога ни требаат пари да купиме сточна храна за зимскиот период, ние немаме пари… Цената на млекото во Македонија е околу 1,5 евра за литар, додека во соседните земји е околу 1 евро за литар. Потрошувачите во Македонија се незадоволни. Владата не реагира на незадоволството на потрошувачите и на фармите, додека млекарите прават огромни профити и го продаваат евтино купеното млеко. Јас сметам дека млекарите треба да дадат мал дел од профитот назад на фармерите, со цел бизнисот да преживее, бидејќи ако затворат сите фарми, ќе треба и тие да затворат“, вели Петковски.
Според Јорданова, дури и во најдобрите денови, Македонија имала 6-7 илјади литри млеко по крава по лактација, додека во ЕУ земјите, просекот е многу повисок – 8-12 илјади литри млеко по лактација.
Фото и текст: Ѓ. ЛИЧОВСКИ