Експратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Марија Ангелова, која во листингот на мобилниот телефон на првообвинетиот на судењето за организираниот напад во Собранието на 27 април лани Крсто Мукоски беше фатена со порака: „Отворете ги предните врати“, најнезгодните прашања денеска ги доби од обвинетиот Александар Василевски-Нинџа.
Ангелова, повикана како сведок на Мукоски, потроши долго време на денешното судење за организираниот напад на Собранието на 27 април лани, опишувајќи тоа попладне колку била исплашена кога видела дека „тој мирен и домаќински народ“ тргнал во стампедо да влегува во Собранието. Кажуваше колку се тресела, била возбудена и шокирана, а во Собранието влегла под афект и набргу излегла.
Тоа го инспирираше обвинетиот Нинџа, кој е еден од 11-мина притворени, да стане и да и постави вкрстени прашања:
„Рековте дека сте почувствувале страв, шок, сте се треселе цела. Зошто не си отидовте дома?“, ја праша Василевски по што од судијката Добрила Кацарска, до обвинетите и полицијата, сите во судската сала се изнасмеаја.
Ангелова немаше конкретен одговор, повтори дека била во шок. По ова тој пак ја праша:
„Извинете, рековте од патриотски причини влеговте?“.
„Во Собранието влегов инстинктивно и излегов за 15-тина минути“, се правдаше сведокот, која била на распит во Обвинителството за организиран криминал, но не е меѓу 33-цата обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
Ангелова е лицето заведено во телефонот на Мукоски како „колешката од Чаир“, која, како што беше кажано на минатото рочиште, на 27 април лани му пишувала по Вибер: „Дај Боже да влеземе да ги затепаме, хахахахха“, а потоа и: „Отворете ги предните врати“ и „Влеговмеееееее“.
Таа денеска вкрстена помеѓу судскиот совет на чело со Кацарска, обвинителката Ивана Трајчева и особено меѓу 33-цата обвинети кои нејзиното сведочење гласно го коментираа, ги убедуваше присутните дека со ниту еден нејзин колега, не само со Крсто Мукоски, била во комуникација, не три дена, не три месеци, ни шест месеци и ни 10 години пред 27 април.
„Дури и како колеги во периодот од 2014 до 2016, кога бев пратеник, на Мукоски не сум имала потреба да му се јавам по телефон. Сме се гледале секој втор ден на работа. Бил добар колега, сè уште е добар колега. Воопшто, кој било партиски функционер од ВМРО-ДПМНЕ воопшто ме нема ниту исконтактирано, ниту координарано за каква било вмешаност“, рече таа.
Дента на 27 април рече дека од љубопитност направила две-три фотографии и гледала што се случува, вознемирена. „Потоа народот влезе, влегов и јас да ги видам чисто колегите, да се консолидирам со народот, поседев 15-тина минути и излегов бидејќи беше навистина топло во салата. Пораките ги пишував во афект, рече таа“, повторуваше поранешната пратеничка.
Во група на Вибер со поранешниот пратенички состав на ВМРО-ДПМНЕ таа праќала пораки дека народот влегол во Собрание. Рече дека ги пишувала во афект и информативно, за да им ја пренесе атмосферата на поранешните колешки.
Продолжува предлагањето докази од страна на одбраната.
С. К. ДЕЛЕВСКА