АКО „ШВЕРЦЕРИ“ НЕ ЈА ПЛАТАТ ШТЕТАТА ОД 4.000 ЕВРА, ЌЕ ЈА ПЛАТИ ДИРЕКТОРКАТА НА МНТ, ВЕЛИ ЗАЕВ

    АКО „ШВЕРЦЕРИ“ НЕ ЈА ПЛАТАТ ШТЕТАТА ОД 4.000 ЕВРА, ЌЕ ЈА ПЛАТИ ДИРЕКТОРКАТА НА МНТ, ВЕЛИ ЗАЕВНа 22 ноември, на прославата на Денот на албанската азбука, навивачите на фудбалскиот клуб Шкупи го искинаа тапацирот на седиштата, откорнаа орнаменти од првата галерија како и неколку светлосни знаци кои одбележуваат излез (Фото: Принтксрин од видеото објавено на Јутјуб)

    Ако навивачите на групата „Шверцери“, кои на 22 декември го оштетија Македонскиот народен театар (МНТ) не ја надоместат штетата од 4.000 евра, тоа ќе го стори директорката Симона Угриновска, рече денеска премиерот Зоран Заев во Собранието.

    Владата пред два дена донесе одлука за казна на Угриновска, со намалување на платата за 15 проценти во траење од три месеци.

    „Владата го задолжи Министерството за култура во соодветна постапка да ѝ наложи на директорката на МНТ од организаторите на настанот да побара надомест на штетата направена за време на настанот, а на директорката да ѝ биде изречена казна со намалување на платата затоа тоа што направила пропуст и дала согласност за отстапување на МНТ без писмен договор“, соопштија од владината служба за информирање.

    На 22 ноември, на прославата на Денот на албанската азбука, навивачите на фудбалскиот клуб Шкупи го искинаа тапацирот на седиштата, откорнаа орнаменти од првата галерија како и неколку светлосни знаци кои одбележуваат излез. Директорката тогаш изјави дека прославата била во организација на Владата, и дека неа ѝ ми било кажано дека ќе има два настана. За првиот официјален дел, свечената академија, се координирала со портпаролот на Владата Мухамед Хоџа. За вториот настан, координатор бил Артан Груби и тој ѝ кажал дека ќе има само проекција на документарен филм.

    „Имаме две штети едната е материјална, другата духовна. Во делот на духовната штета, е тоа што културата никој не ја восприема на онаков начин на кој беше презентирана во МНТ, кој навистина бил отстапен за навивачката група по повод Денот на албанската азбука. Потпретседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците го имаа организирано настанот и тој настан завршува некаде околу 20:30 часот, додека другиот, се случува во 21.

    Нема договор. Значи да биде чисто нема договор за таа работа во 21, направен е усмен договор затоа што немало и време кога да се направи. Рефлексијата на тоа е и материјалната и духовната штета и некој треба да понесе одговорност“, рече Заев на пратенички прашања.

    Премиерот додаде дека постои правилник за наградување и санкционирање, и а согласно тоа, дале укажување да има дисциплинска постапка.

    „И затоа мора да има штета односно треба да има дисциплинска постапка со што ќе се извлече поуката да не се повтори повеќе. По правилникот ќе се оцени по таа дисциплинска постапка казна ли е, бркање од работа, не знам, разрешување на директор ли е. Службите ми кажаа дека е казна од плата и слично“, рече премиерот.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари