Посетата на папата Фрањо за мене беше големо охрабрување да бидеме фокусирани на секојдневните проблеми на граѓаните, на солидарноста и на заедништвото, рече премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање дали историската прва посета на папата на земјава значи и поддршка за евроинтеграциите. По официјаната средба, на прес-конференцијата во медија центарот во Домот на АРМ, Заев рече дека посетатата на папата е голема мотивација да продолжи понатаму и оти се надева дека по 14 години пред вратите на ЕУ земјава ќе добие датум за преговори за членство.
„Ако треба и 10 пати ќе одам на средби со перетседателот Макрон, премиерот Руте и канцеларката Меркел, тоа го правеа моите пријатели Ципрас и Борисов. Евроинтеграциите се нашата втора цел, првата – приемот во НАТО – веќе е остварена со ратификацијата од 12 земји членки. 14 години се предолго време да се чека пред вратите на ЕУ. Постојано ги потврдуваме вредностите на Европската унија, а тоа го докажавме со посетата на папата и претходно со изборите“, рече Заев.
Според премиерот, оваа прва историска посета на папата Фрањо е огромно признание за земјата која има долги години соработка, „кои не се резултат на митологија туку дека сме признаени уште од времето на папата Адријан Втори кога ги осветил светите книги на сесловенските просветители Кирил и Методиј“.
На прашањето како влијаеле пораките на папата, кој е гласен за корупцијата, животната средина и лажните вести, што како проблеми ги има и кај нас, Заев рече дека со „поголема верба меѓу нас може да се надминат сите слабости, кои се болни прашања за граѓаните“.
„Министерката за правда ме информираше дека за утре е закажана средба со опозицијата за Законот за СЈО и мислам дека и двете страни можеме да ги приближиме ставовите, оти се при крај деновите пред затворање на извештајот на ЕУ“, рече Заев.
Е. БОЧВАРОСКА