Во моментов, во земјава активни се 13 пожари, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК). Од утрово противпожарно се дејствува по земја и со воздухопловна поддршка од сите летала што се во моментот на располагање, и домашни и од другите земји кои испратија.
Директорот на ЦУК Стојанче Ангелов објави дека рано утрово претседателката Гордана Сиљановска-Давкова потпиша указ со којшто се доделуваат триста припадници на АРМ како помош при справувањето со пожарите.
„Исто така, за плус 30 припадници е зголемен бројот на полицајци, така што денес имаме на располагање 60 припадници на Единицата за брзо распоредување. Доколку имаме потреба од зголемување на бројот на војници и полицајци, тоа можеме да го добиеме за неколку часа“, кажа Ангелов.
Активните пожари има во Општина Неготино, село Калањево, каде што гори нискостеблеста шума и грмушки, во Општина Гевгелија помеѓу селата Негорци и Кованец гори мешана шума, во Општина Радовиш кај село Штурово гори нискостеблесна шума. Пожар има и во Општина Чашка на врвот Лисец, Општина Росоман кај селата Сирково и Подлест, во Студеничани, Зелениково, во Штип помеѓу селата Драгоево и Селце, во Општина Чашка е префрлен пожар од село Слепче. Дабова и борова шума гори во Општина Ново Село над село Бадилен, нискостеблеста шума гори во Општина Конче, а во Делчево запалена е депонијата.