Во втората половина од годината би можело да се почне со радиoтерапија на онколoшки пациенти во Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ во Скопје, рече денеска директорот д-р Синиша Стојаноски, на прес-конференција во Владата за одбележување на 4 февруари, Светски ден на борба против ракот.
Акцелераторот во „8 Септември“ беше промовиран за 8 Септември 2022, со тогашниот премиер Димитар Ковачевски, тогашниот министер за здравство Беким Сали и тогашниот директор на Болницата, д-р Христијан Костов. Со овој апарат, како што рекоа тие тогаш, требаше да се намали притисокот врз Клиниката за онкологија, каде дневно циркулираат над 100 пациенти.
Министерот за здравство Арбен Таравари на 23 октомври 2024 рече дека се надева дека за месец и пол ќе почне да се дава онколошка терапија во „8 Септември“. На 22 јули лани рече дека за еден месец би требало да почне со работа амбулантата, но акцелераторот би се ставил во функција за шест месеци.
- ОНКОЛОШКАТА АМБУЛАНТА ВО БОЛНИЦАТА „8 СЕПТЕМВРИ“ НАЈАВЕНА ЗА АВГУСТ, СЕ ОЧЕКУВА ДА СЕ ОТВОРИ ДО КРАЈ НА ГОДИНАТА
- НА 8 СЕПТЕМВРИ ЛАНИ СЕ СЛИКАА СО АКЦЕЛЕРАТОР ВО ГОБ „8 СЕПТЕМВРИ“, ДОЈДЕ НОВ 8 СЕПТЕМВРИ, АПАРАТОТ ЗА ОНКОЛОШКИ ПАЦИЕНТИ УШТЕ НЕ РАБОТИ
- ВО НОЕМВРИ ЌЕ ПОЧНАТ СО РАБОТА АКЦЕЛЕРАТОРИТЕ ЗА ЗРАЧНА ТЕРАПИЈА ВО БИТОЛА И „8 СЕПТЕМВРИ“
„Кадрите кои се сегментот онкологија, Болницата ‘8 Септември’ во моментов ги има испратено на обука на Клиниката за радиотерапија и онкологија. Според комуникацијата која ја имам со директорот д-р Игор Стојковски, кадрите се веќе спремни годинава да почнат со аблетарна и субкутана апликација на онколошката терапија. Акцелераторот кој го поседува Болницата се надевам дека ќе успееме да го ставиме во функција. Тој е функционален, но мора да помине рекомисионирање за да добиеме дозвола да почнеме со радиотерапија која би била во вториот дел од оваа година. Се надевам дека под менторство на Клиниката, ќе успееме да го растеретиме притисокот и да преземеме дел од тераписката процедура за пациентите“, кажа д-р Стојаноски.
Директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) Сашо Клековски кажа во Македонија има околу 30 онколози, од кои во „8 Септември“ и во Болницата во Битола има по двајца онколози, по еден во Штип и во Тетово.
„Реално можеме да сметаме само на ‘8 Септември’ и на Битола. Физичари исто има само таму. Кога збориме за радиотерапија веројатно може само на овие капацитети само да сметаме. Во Штип веројатно никогаш нема да биде ставен во употреба, бидејќи бункерот не е изведен соодветно, а во Тетово нема никакви услови да се размислува во таа насока“, рече Клековски.
Таравари лани во септември рече дека акцелераторот во Штип воопшто не е донесен, ниту е распакуван.
Во 2014 беше ставен камен-темелникот за изградба на бункер кај Клиничката болница во Штип, во кој треба да биде сместен нов акцелератор, со кој треба да се лекуваат онколошките пациенти од Источна Македонија. Пред 10 години, тогашниот министер за здравство Никола Тодоров кажа дека акцелераторот е набавен и дека очекува да биде ставен во функција во 2015.
Б. НЕСТОРОСКА