АКЦЕЛЕРАТОРОТ ВО ШТИП НЕ Е НИТУ РАСПАКУВАН, НИТУ ДОНЕСЕН, РЕЧЕ ТАРАВАРИ ЗА АПАРАТОТ ЗА КОЈ 10 ГОДИНИ СЕ НАЈАВУВА ДЕКА ЌЕ ПРОРАБОТИ

    АКЦЕЛЕРАТОРОТ ВО ШТИП НЕ Е НИТУ РАСПАКУВАН, НИТУ ДОНЕСЕН, РЕЧЕ ТАРАВАРИ ЗА АПАРАТОТ ЗА КОЈ 10 ГОДИНИ СЕ НАЈАВУВА ДЕКА ЌЕ ПРОРАБОТИНе е лошо да се размислува за идејата дали може да се стави во употреба каде било зашто воопшто не е користен, рече Таравари. (Фото: СДК.МК)

    Акцелераторот во Штип воопшто не е донесен, ниту е распакуван, рече денеска министерот за здравство Арбен Таравари.

    Во 2014 беше ставен камен-темелникот за изградба на бункер кај Клиничката болница во Штип, во кој треба да биде сместен нов акцелератор, со кој треба да се лекуваат онколошките пациенти од Источна Македонија. Пред 10 години, тогашниот министер за здравство Никола Тодоров кажа дека акцелераторот е набавен и дека очекува да биде ставен во функција во 2015.

    „Вчера бев во штипската болница, го прашав раководството каде е апаратот. За жал, апаратот сѐ уште не е во Штип, се чува некаде, најверојатно уште не е ни распакуван. Не е лошо да се размислува за идејата дали може да се стави во употреба каде било, зашто воопшто не е користен. Таму бункерот не е среден за да се распакува апаратот кој не е ни отворен“, рече Таравари по потпишувањето на договорот за набавка на мобилен рендген во рамките на ГГП програмата на Амбасадата на Јапонија во Македонија.

    Во јануари 2024, тогашниот министер за здравство Фатмир Меџити во Штип пушти во употреба лапароскопска и ендоскопска апаратура во вредност од 11 милиони денари, со која ќе се вршат над 2.000 прегледи годишно, но не одговори кога ќе бидат готови Клиничката болница и акцелераторот во Штип, за кои камен-темелници беа поставени пред осум, односно пред 10 години. Новата Клиничка болница почна да се гради на 3 март 2016 и беше со почетна инвестиција од 56 милиони евра, а две години претходно почна да се гради и новиот акцелератор во вредност од речиси милион евра.

    И двата објекта, кои се комплементарни меѓусебно, требаше да се пуштат во употреба во 2018, па во пролонгираниот рок во 2020, но денес нема абер за нивно профункционирање во целост.

    „Изградбата не зависи од мене, уште повеќе што наидуваме на многу бирократски процедури, а доаѓаат и избори, но ако јас продолжам еден полн мандат, не само Клиничката болница во Штип, туку целото здравство ќе биде под конец и под контрола. Ако продолжам јас, и Клиничкиот центар во Скопје ќе го изградам“, се пофали Меџити тогаш.

    „Што се однесува до акцелераторот во Штип, министерот рече дека било направено проектот да биде поврзан со првичниот проект на Клиничката болница во Штип. Акцелераторот е донесен и со години стои под прашина. Затоа јас го одвоив проектот на акцелераторот од Клиничката болница и сега правиме напори да го ставиме во функција на Одделот на радиологија и онкологија, независно од изградбата на Клиничката болница“, додаде Меџити.

    Б. НЕСТОРОСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира