АЛ ДИ МЕОЛА СО НАЈАВА ЗА КОНЦЕРТ ВО ОХРИД

    АЛ ДИ МЕОЛА СО НАЈАВА ЗА КОНЦЕРТ ВО ОХРИД

    Скопје, 30 март, 2016 (САКАМДАКАЖАМ.МК) – Ал Ди Меола, еден од најголемите светски гитарски легенди на 13 август ќе има концерт во Охрид. Како што е објавено на неговата официјална веб страница, тој е на светска турнеја од јуни. Ќе го промовира својот нов 24. студиски албум „Елизиум“ (Elysium). Ал ди Меола ќе настапи на сцената на Античкиот театар во Охрид.

    Два дена пред тоа, на 11 август Ал Ди Меола ќе има концерт и во Ниш, Србија како дел од програмата на „Нишвил џез фестивал“.

    Шеесет и едногодишниот Ди Меола, Американец од Њу Џерси со италијанско потекло, е легенда која е 40 години на светската сцена како џез, латино, фјужн гитарист и композитор. Првиот свој албум го издава во 1976 година, но светската слава ја добива со „Ритрн ту форевер“, супер групата со Чик Кореја, Стенли Кларк и Лени Вајт, каде што се вклучува како 19 годишник од Универзитетот во Беркли. Почетокот на 80-тите од минатиот век го одбележа нова супер-група, „Гитар трио“ кое го сочинуваа Пако де Лусија, Џон Меклафлин и Ал ди Меола. Тиражите беа милиoнски, концертите со месеци однапред продадени. Ди Меола со години ја добиваше наградата Гитарист на годината, на списанието „Гитар плеер“.

    „Елисиус“ се преведува како место на совршена среќа. Ди Меола кој има подеднакво успешна и влијателна кариера и со електрична и со акустична гитара, на последниов албум се враќа на акустиката. Покрај новите авторски композиции, во акустична форма на турнејата свири и посвета на „Битлси“, музика од претходниот албум, и посвета на неговиот другар, Пако де Лусија.

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари