АЛЕРГИИТЕ КАЈ ДЕЦАТА ВО ПОДЕМ, ДОМАШНАТА ПРАШИНА Е НАЈЧЕСТ АЛЕРГЕН, ПОКАЖА СТУДИЈА НА БОЛНИЦАТА „КОЗЛЕ“

    АЛЕРГИИТЕ КАЈ ДЕЦАТА ВО ПОДЕМ, ДОМАШНАТА ПРАШИНА Е НАЈЧЕСТ АЛЕРГЕН, ПОКАЖА СТУДИЈА НА БОЛНИЦАТА „КОЗЛЕ“Раното откривање, соодветната дијагноза и навремената терапија кај децата ќе спречат хроницитети во подоцнежната возраст. (Фото: СДК.МК)

    Алергиите кај децата се во подем. Четиримесечната студија на Институт за белодробни заболувања кај децата „Козле“ во Скопје за анализа на 440 деца со клиничка манифестација на алергиски ринитис кога детето манифестира носна секреција, носна опструкција проследена со почесто кивање како и солзење и црвенило на очите, открила дека секое второ дете е со потврдена алергија, а број еден алерген е домашната прашина.

    Д-р Мирјана Поповска специјалист-педијатарка потенцира дека алергијата треба навремено да се препознае оти симптомите на почетокот се лесни, но може да прогресираат во тешка клиничка слика. Раното откривање, соодветната дијагноза и навремената терапија кај децата ќе спречат хроницитети во подоцнежната возраст.

    „Можеби на родителите овие симптоми им изгледаат безначајни и не треба да се третираат, но тоа е многу погрешно размислување затоа што алергиските заболувања можат да носат до навистина сериозни состојби, тешки манифестации како отежнато дишење, глад за воздух, свирка во дишење со бронхоспазам, па сè до развој на астматска болест“, вели д-р Поповска.

    Државата има на располагање препарати за алергиски заболувања кои се достапни и во светот.

    „Пациентите може слободно да побараат помош од педијатар-пулмолог. Алергискиот ринит лесно се дијагностицира. Доволна е само клиничката манифестација на детето навремено да се препознае и да се даде соодветна терапија. Исто така, генетската предиспозиција има голема улога во алергиските заболувања. Ако еден родител има алергија, 50 отсто е сигурно дека и детето ќе има, ако двајцата родители имаат, се смета дека 80 отсто и детето има алергија“, вели д-р Поповска.

    Вообичаени алергени се најчесто полени, грини, спори на мувла, животински влакна, храна, каснувања од инсекти и лекови, но може да бидат различни еколошки супстанции или состојки во храна. За откривање на алергиите се прават дијагностички тестови за да се утврди на кои алерген детето покажува каков тип на сензитивност.

    Последните неколку години алергиите претставуваат епидемија во пораст и во сите земји во светот. Епидемиолошките истражувања покажуваат дека околу 25 отсто од вкупната светска популација страда од некоја алергиска болест, а бројот на пациенти се зголемува за 5-10 отсто секоја година.

    Според предвидувањата, половина од европската популација до 2025 година ќе има некаква форма на алергија, а до 2050 секое второ дете ќе биде алергично.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира