Фармацевтската компанија „Алкалоид АД Скопје“ прослави 80 години од своето постоење. Живко Мукаетов, генерален директор на „Алкалоид АД Скопје“, рече дека компанијата и натаму ќе ја остварува својата основна мисија, односно нивното мото „Здравјето пред се“. Тој им се заблагодари на генерации вработени кои се вложувале во компанијата. „Би сакал да се заблагодарам што денес сте тука со нас, што заедно можеме да прославиме осум децении истражување, развој, иновации и континурано вложување во основната мисија на Алкалоид, а тоа е подобар и поздрав живот. За да биде Алкалоид така успешен, како што е денес, треба да се заблагодариме на генерациите кои работеа во Алкалоид од 1936 година па се досега“, кажа Мукаетов на синоќешната прослава во хотелот „Александар палас“.Во 1936 година „Алкалоид“ е основана како компанија со два погона и 15 работници, кои произведувале 350 килограми фармацевтски производи. Денеска, „Алкалоид“ е компанија со над 1.600 вработени, која работи на над 30 пазари во светот. „Алкалоид“ е водечка фармацевтска компанија во Македонија и шеста во регионот на Југоисточна Европа. Дуке Бојаџиев, бендот Фрајле и Петар Грашо ги забавуваа гостите на роденденот на „Алкалоид“.