Ден откако евроамбасадорот Дејвид Гир кажа оти распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители е мешање во судската власт, премиерот Христијан Мицкоски возврати со истите зборови.
Прашан денеска во Гевгелија за коментар на ставот на амбасадорите Гир и Анџела Агелер дека не смее да се наруши поделбата на власта и оти распуштање на двата совета значи мешање во независноста и самостојноста на судството и на обвинителството, Мицкоски им забележа:
„Ја слушнав таа изјава. Некако, стана практика амбасадорите да се мешаат во внатрешните работи на државата. Но, во ред, дури и ако е така. За оваа коалиција гласаа 600.000 граѓани, се гледа дека тоа ништо не им значи. За политиките и програмата на оваа влада. Истите велат дека состојбата со правната држава е катастрофална. Истите во нивните извештаи велат дека криминалот и корупцијата цветаат. Довербата во Судскиот совет и во Обвинителскиот совет е на 2-3%, се гледа дека работите не функционираат. Ако знаат подобро решение нека дојдат да покажат, јас сум подготвен да разговараме“.
Вчера, амбасадорката Агелер ги поздрави исполнетите задачи од Судскиот совет под водство на Весна Дамева, а кои беа напишани од Европската унија, преку т. н. Оценска мисија која беше во Македонија и истражуваше во Советот и во судовите.
С. К. ДЕЛЕВСКА