АМДИ БАЈРАМ НЕ СЕ ПРИДРУЖИ НА БОЈКОТОТ НА ВМРОВЦИТЕ

    АМДИ БАЈРАМ НЕ СЕ ПРИДРУЖИ НА БОЈКОТОТ НА ВМРОВЦИТЕПратеникот Амди Бајрам седи сам во делот наменет за опозициските пратеници на денешната седница за избор на нов Јавен обвинител. (Фото: Ѓ. Личовски)

    На продолжението на собраниската седница за именување нов Јавен обвинител, покрај парламентарното мнозинство присуствуваат и опозиционерите од Движењето БЕСА и пратеникот и лидер на Сојузот на Ромите Амди Бајрам, кој е дел од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ. Неофицијално, тој ќе продолжи да делува како дел од пратеничката група на ДУИ, но засега седи во делот од пратеничките клупи резервиран за опозицијата. Присутен на седницата е и Чедомир Саздовски, кој го напушти ГРОМ и делува како независен пратеник.

    За поддршка за изборот на Љубомир Јовевски за нов ЈО говореше координаторот на пратеничката група на СДСМ Томислав Тунтев, кој даде образложение зошто ќе гласаат за него. Тој наведе дека главен аргумент зошто е одбран е позитивното мислење од Советот на јавни обвинители.

    Пратениците на ДУИ Џеват Адеми и Артан Груби, исто така, го поддржаа предлогот на Владата, а Адеми кажа дека имал мала дилема поради возраста на Јовевски, односно дали правник пред пензија ќе може да ги спроведе реформите.

    „Но, според информациите што ги имам од Советот на јавни обвинители, сепак ќе му дадам поддршка, бидејќи повеќе давам предност на искуството, отколку на еланот на младоста“, рече Адеми.

    Претходно денеска, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Ане Лашкоска кажа опозицијата нема да учествува во работата на Собранието сè додека 12% од нивната пратеничка група е во притвор.

    Расправата за нов Јавен обвинител заврши, но гласањето ќе се одржи на 22 декември.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира