АНЃУШЕВ ЈА ПРОДАДЕ ЕДС ЗА 4,8 МИЛИОНИ ЕВРА НА ГРЧКОТО ЕЛЕКТРОСТОПАНСТВО, СООПШТИ КОМПАНИЈАТА

    АНЃУШЕВ ЈА ПРОДАДЕ ЕДС ЗА 4,8 МИЛИОНИ ЕВРА НА ГРЧКОТО ЕЛЕКТРОСТОПАНСТВО, СООПШТИ КОМПАНИЈАТАДоговорот за продажба го потпишаа Кочо Анѓушев, сопственик на ЕДС и Главниот извршен директор на грчката „Паблик пауер корпорејшн“ Емануел М. Панајотакис. (Фото: ЕДС)

    Вицепремиерот Кочо Анѓушев денес ја продаде компанијата за трговија со електрична енергија ЕДС на грчката национална компанија за произвoдство на струја „Паблик пауер корпорејшн“ (ППЦ). Како што соопштија од ЕДС, сопствениците на компанијата денес го потпишале договорот за продажба на 100 отсто од акциите на ЕДС и нивните подружници во Југоисточна Европа за вкупна сума од 4,8 милиони евра.

    ЕДС е успешна компанија од енергетскиот сектор присутна во седум земји од регионот, а според досегашните сопственици со денешната продажба, компанијата ќе bиде поконкурентна и ќе обезбеди подобри услови за клиентите.

    „Покрај следењето за нашето законодавство и процедурите, во текот на преговорите за продажбата приоритет нѝ беа и условите за унапредување на стабилноста и плановите за понатамошен развој на компанијата. ЕДС досега постигна многу на локалниот и регионалниот пазар, како членка на меѓународната берза за набавка на струја ја има најдобрата балансна група, одлично развиена мрежа за снабдување со електрична енергија и големо искуство во набавката на струја на слободниот пазар. Со овој договор зад себе имаме гигант во производство на струја што ќе нè направи поконкурентни на пазарот. Тоа значи дека клиентите ќе имаат добри услови и пред сè уште поголема сигурност“, изјави Кочо Анѓушев, сопственик на ЕДС.

    Главниот извршен директор на грчката „Паблик пауер корпорејшн“ Емануел М. Панајотакис кажа дека со купување на ЕДС влегуваат на пазарот за електрична енергија во соседната земја на најдобар можен начин.

    „Со поддршката од нашата компанија и нејзината експертиза, ЕДС ќе напредува и ќе се зајакнува и понатаму, што ќе биде во најдобар интерес и на клиентите. ЕДС во сопственост на ППЦ ќе стане уште помоќна компанија, со оглед на портфолиото што го имаме и развојните планови дефинирани за време на купувањето“, рече Панајотакис.

    ППЦ е една од најголемите енергетски компании во Југоисточна со вкупна актива од над 15 милијарди евра и годишни приходи од над 5 милијарди евра.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира