АНТЕНСКИОТ СТОЛБ НА ВОДНО ШТО ГО ГРАДИ АЕК ПОСКАПЕ ЗА 1,5 МИЛИОНИ ЕВРА

    АНТЕНСКИОТ СТОЛБ НА ВОДНО ШТО ГО ГРАДИ АЕК ПОСКАПЕ ЗА 1,5 МИЛИОНИ ЕВРАБуџетот на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) за оваа година е зголемен за 869.455 евра, непотрошени пари од претходните години. (Фото:СДК.МК)

    Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) годинава ќе потроши 53,4 милиони денари или 869.455 евра повеќе од претходно планираните средства.

    Со новиот финансиски годишен план што го донела Агенцијата, место предвидениот буџет од 492 милиони денари или 8 милиони евра, до крајот на годината приходите и расходите ќе изнесуваат 545.471.514 милиони денари или 8,869 милиони евра. Буџетот е зголемен со средтва што на АЕК и останале нереализирани од претходните години.

    Ова го покажува третиот квартален извештај за работата на АЕК што го изработи Центарот за европски стратегии „Евротинк“ со финансиска поддршка од владата на Велика Британија. Анализираниот период е од април до јуни годинава.
    Со новиот финансиски план за 2017 година на АЕК скретена е ставката за донации од 75,3 милиони денари на 4,6 милиони денари.

    „Ставката донации е намалена, а најголемо зголемување има на ставката за изградба на антенскиот столб на Водно, која е зголемена за 91,7 милиони денари или 1,5 милиони евра и годинава вкупно е планирано за антенскиот столб да се потрошат 194,3 милиони денари или 3,1 милион евра“, рече Горан Лазаров, проектен координатор од „Евротинк“.

    Во извештајот нема информација зошто е зголемена ставката за изградба на новиот антенски систем за контрола и мониторинг на радиофрекфенциите.

    Тој рече дека во претходните квартални извештаи за работата на АЕК имало забелешки околу средствата за донации што ги дава Агенцијата, односно дека донираат пари за работи кои не се поврзани со развојот на електронските комуникации, меѓу кои и за Панорамското тркало што се гради во Вардар.

    „Во овој квартал намалена е сумата за донации и доделена е само една донација и тоа на пливачкиот клуб Бета од Скопје. Но и овој пат, во записникот од состанокот на Комисијата не е посочено за колкава сума станува збор, ниту пак за што точно се донирани овие средства. Изостанувањето на вакви информации за донациите предизвика реакции во јавноста. Медиумите во неколку наврати го повикуваа АЕК преку ЈСП Скопје да престане да ја ‘спонзорира’ изградбата на Панорамското тркало“, рече Лазаров.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира