Претседателот Стево Пендаровски кажа дека антифашизмот е во основите на нашата држава и дека ниту еден историски ревизионизам не смее тоа да го доведе во прашање, на денешната прослава на Денот на републиката 2 август во претседателската вила.
„Неспорна историска вистина е дека антифашизмот е во основите на нашата држава и ниту еден историски ревизионизам не смее да го доведе во прашање. Карактерот на еден народ се вреднува според предизвиците со кои има храброст да се соочи. За време на Втората светска војна, граѓаните на Македонија имаа храброст да се соочат со најголемото зло на 20 век – фашизмот и нацизмот и да ја ослободат својата татковина. Најголемиот предизвик за нас денес е граѓанското помирување. Патот до помирувањето води преку правдата втемелена врз вистина. А за вистинска правда е потребно владеење на правото. Тоа мора да биде нашата темелна вредност со која не смее да се прави компромис. Само граѓанско помирување, втемелено врз правда и одговорност, ќе ни ја врати меѓусебната доверба и ќе ни овозможи да изградиме праведно и напредно европско општество во кое секој човек ќе се чувствува еднакво вреден. Нема друга алтернатива“, рече Пендаровски во говорот.
Тој повика да се надминат историските поделби и, како што кажа, непотребните политички конфронтации.
„Да ги здружиме сите наши знамиња и симболи, независно дали се етнички, верски, идеолошки, партиски или генерациски. Да се обединиме во еден единствен фронт за реализација на нашата заедничка цел – трансформација на Северна Македонија во напредна европска држава, членка на НАТО и на ЕУ. Да градиме демократска држава во која успехот на едниот нема да биде врз грбот на другите. Да градиме држава во која законите ќе важат за секој граѓанин подеднакво. А во центарот на тој историски потфат да биде достоинството на човекот и на граѓанинот кој мора да ја добие шансата да се реализира тука, во својата земја“, кажа Пендаровски.
На централната прослава на Илинден во Крушево денеска зборуваше премиерот Зоран Заев, а претседателот на Собранието Талат Џафери се обрати во Пелинце.