АНТИКОРУПЦИСКА БАРА ВЛАДАТА ДА ГО РАЗРЕШИ ДИРЕКТОРОТ ТОЗИЈА ПОРАДИ НЕЗАКОНСКИТЕ ИСПЛАТИ НА ПРОЕКТИ БЕЗ БАНКАРСКИ ГАРАНЦИИ И КОНФЛИКТ НА ИНТЕРЕСИ ВО АГЕНЦИЈАТА ЗА ФИЛМ

    АНТИКОРУПЦИСКА БАРА ВЛАДАТА ДА ГО РАЗРЕШИ ДИРЕКТОРОТ ТОЗИЈА ПОРАДИ НЕЗАКОНСКИТЕ ИСПЛАТИ НА ПРОЕКТИ БЕЗ БАНКАРСКИ ГАРАНЦИИ И КОНФЛИКТ НА ИНТЕРЕСИ ВО АГЕНЦИЈАТА ЗА ФИЛМЧленот на Антикорупциската комисијата Владимир Георгиев денес кажа дека Владата има рок од 60 дена да им одговори за иницијативата за разрешување на Тозија. (Фото: Принтскрин од денешната прес-конференција на Антикорупциската комисија)

    Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) побара од Владата да го разреши пред истекот на мандатот в. д. директорот на Агенцијата за филм Горјан Тозија, поради прекршување на процедурите во постапките согласно Законот за филмска дејност, кажа на прес-конференцијата по завршувањето на денешната седница членот на Комисијата Владимир Георгиев.

    Aнтикорупциската комисија отвори три предмети за работата на Тозија. Првата истрага е за предвремената исплата на сите одобрени филмски проекти од Агенцијата. Предметот ја испитува законитоста на ургентното исплаќање на сите филмски проекти од страна на Агенцијата за филм во март на почетокот на коронакризата. За Тозија имаат добиено уште две пријави за кои се водат случаи, врзани со судир на интереси во Агенцијата и за Конкурсот за поддржани филмски проекти, кој беше објавен во јануари годинава, а за кој резултатите беа објавени завчера.

    Образложувајќи го предметот кој бил формиран по наоди во медиумите и низа претставки и укажувања на Министерството за култура, Георгиев кажа дека согласно член 17 став 1 од Законот за спречување на корупцијата, покренуваат иницијатива за утврдување на одговорност на Тозија и дека Владата има рок од 60 дена да им одговори за оваа инцијатива.

    Со мерката која Агенцијата ја најави на 24 март, за два работни дена исплатила вкупно 27 филмски проекти, како што соопшти тогаш, „кои се во поодмината фаза на реализација односно оние кои се завршени или се пред завршување“, „за да им се помогне на независните филмски работници (фриленсери) и продуцентските куќи“.

    „Во врска со наводите за исплата на 27 филмски проекти кои биле во завршна фаза, побаравме целосна информација од директорот уште во мај и добивме листа со 29 филмски проекти, а истовремено од Министерството за култура добивме известување дека се исплатени 30-31 проекти. Конечно не може ни да се утврди колку фактички проекти биле исплатени во периодот помеѓу 20 и 23 март. Независно од ова, постапката околу финансирањето и исплатата на филмските проекти е уредена со Законот за филмска дејност, особено членот 34, 35, член 39 став 3. Исто така и договорот што се потпишува помеѓу филмските продуценти и директорот на Агенцијата за филм, содржи одредби, особено членот 5 каде се регулира дека динамиката на исплата од страна на Агенцијата се врши процентуално согласно повеќе фази. Врз основа на доставена банкарска гаранција која соодветствува со самата динамика на реализација на филмот. Во ставот 4 од член 5 е регулирано дека натамошната исплата се врши врз основа на доставено барање од страна на продуцентот и оваа банкарска гаранција. Во договорот, ниту во Законот, не е содржан член според кој од причини на виша сила директорот може да додели средства за следната фаза на реализација на проектот без продуцентот да приложи нова банкарска гаранција“, кажа Георгиев.

    Тој продолжи дека во медиумите беше исто така посочено од страна на директорот дека употребил една клаузула, односно член од самиот дговоро кој се потпишува меѓу филмските продуценти и Агенцијата, кој се однесува на состојба на виша сила кој  гласи: „Агенцијата нема да ја активира банкарската гаранција како и нема да го раскине договорот доколку продуцентот не одговори на обврските од овој договор поради причина на виша сила, т. е. ако исполнувањето на обврските станала невозможна поради вонреден настан кој се случил по склучување на договорот, а кој во моментот на склучување не можел да се предвиди ниту да се спречи, избегне или отстрани“.

    „Ова не може да биде основ за вакво постапување на директорот, односно доделување на средства, затоа што се работи за една настаната ситуцаија во која се веќе доделени средствата за одредена фаза на реализацијата на проектот и за што веќе била приложена банкарска гаранција. Значи, не може да се споредат оваа одредба од договорот со она за секоја фаза на реализација на филмските проекти мора да се достави оваа банкарска гаранција“, истакна Георгиев.

    Тој кажа дека дел од овие пријави се однесуваат и на неизборот на филмски проекти, т. е. објавување на резултатите од Конкурсот за поддршка на филмски проекти за 2020. Конкурсот беше објавен на 15 јануари, и наместо во април, резултатите беа објавени пред два дена.

    „Поврзано со овие претставки се и наодите дека во Филмскиот совет во Агенцијата постојат ситуации на судир на интереси. Директорот на Агенцијата има надлежност да именува членови на Советот, а во исто време има надлежност да именува филмски рецезенти. Меѓу тие 5 членови на Советот, двајца имаат двојно именување, т. е два члена кои ги ги оценуваат проектите и даваат мислење на самите себе. Му кажавме на директорот дека тоа е недозволиво и дека е судир на интерес и неспоивост, чекавме долго за одговор и на 17 јули нè извести дека ги разрешил двајцата членови. Со оглед на тоа дека долго време чекавме, сепак одлучивме, за што ни дозволува Законот, да поднесеме прекршочен платен налог до директорот поради доцнење на одговорот“, кажа Георгиев.

    Претходно во медиумите беше објавено дека двајцата кои имаат двојно именување се филмскиот рецензент Ана Василевска и и финансискиот советник Бранко Петровски.

    „Транспаренси интернешнел Македонија“ на 6 јули до Основното јавно обвинителство во Скопје поднесе кривична пријава против вршителот на должност директор на Агенцијата за филм за незаконските исплати од Агенцијата, врз основа на новинарски извешати, меѓу кои и на Дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира