Правосудството е оценето како столб со висок ризик од коруптивни и други влијанија, па оттаму носителите на функции од овој столб, судиите и јавните обвинители, ќе бидат дел од Годишниот план за следење на имотната состојба за 2020 година, соопшти денеска Државната комисија за спречување на корупцијата.
„Подготовката на Националната стратегија врз основа на анализата на ризици е во тек. Согласно утврдените ризици во споменатата анализа, правосудството е оценето како столб со висок ризик од коруптивни и други влијанија, па оттаму носителите на функции од овој столб, судиите и јавните обвинители, ќе бидат дел од Годишниот план за следење на имотната состојба за 2020 година“, се вели во соопштението на Антикорупциската комисија.
Вчера, премиерот Зоран Заев ја повика Антикорупциската комисија веднаш да го испита потеклото на имотот на обвинителите, судиите и нивните семејства, како и да утврди можни конфликти на интереси.
Од Антикорупциската комисија велат дека имотната состојба ќе се проверува преку податоците внесени во анкетните листови, како и дека ќе се испитува имотната состојба доколку има основано сомневање дека имотот на лицето е несразмерно зголемен во споредба со неговите редовни примања и примањата на членовите на неговото семејство. Во однос на судирот на интереси, оттаму велат дека ги проверуваат податоците од изјавите за интереси кои се однесуваат на работни места, членство во управни и надзорни одбори, здруженија на граѓани и фондации и други податоци кои се однесуваат на избраните и именуваните лица и членовите на нивните семејства.
За испитувањето на имотната состојба, од Антикорупциската комисија побараа зајакнување на постојните човечки и материјално-технички услови и вклучување на други истражни органи. Антикорупциската комисија смета дека е неопходна координација на сите надлежни институции, но врз основа на конкретни задолжувања од страна на Владата.