ЗАЕВ САКА ДА ГО ЧИСТИ СУДСТВОТО ПРЕКУ ПРОВЕРКА НА ИМОТОТ, А НИ ЗБОР КАКО СУДИИТЕ БИЛЕ БИРАНИ И КОИ СЕ НИВНИТЕ ЛИЧНИ И СЕМЕЈНИ ВРСКИ СО МАФИЈАТА, ВЛАСТИТЕ И БИЗНИСОТ

    ЗАЕВ САКА ДА ГО ЧИСТИ СУДСТВОТО ПРЕКУ ПРОВЕРКА НА ИМОТОТ, А НИ ЗБОР КАКО СУДИИТЕ БИЛЕ БИРАНИ И КОИ СЕ НИВНИТЕ ЛИЧНИ И СЕМЕЈНИ ВРСКИ СО МАФИЈАТА, ВЛАСТИТЕ И БИЗНИСОТПремиерот Зоран Заев Заев најавува дека ветингот во судството ќе го спроведе Антикорупциската комисија. - Заев како сведок на судењето за „Тврдина-Таргет“ за масовното нелегално прислушување. (Фото: СДК.МК)

    Ветингот на судии и обвинители што го конципирал премиерот Зоран Заев, само преку проста проверка на нивната имотната состојба, не опфаќа две суштински работи:

    1. Проверка на фактите кој судија и обвинител на каков начин биле избрани.
    2. Врските, блискоста, куќни, интимни и бизнис пријателства и конекции на судиите и обвинителите со мафијата, подземјето и со премиери и функционери од актуелната или од бившата власт.

    Заев најавува дека ветингот во судството ќе го спроведе Антикорупциската комисија и дека обвинителите кои намерно не покренуваат истраги, запираат истраги или повлекуваат обвиненија, штитејќи политички, бизнис или припадници на подземјето, и особено судиите кои работат во корист на обвинетите, развлекувајќи ги и враќајќи ги одново судењата, кои даваат незаконски ослободителни пресуди или осудителни пресуди без доволно докази, ќе се откријат самите, преку промена на имотот.

    Во меѓувреме, откако почна да се збори на темата „Ветинг без концепт“, судии, адвокати и обвинители се шегуваат: „Нема таков што зема мито преку трансакциска сметка!“.

    Заев денеска кажа што е за него ветинг и како ќе се спроведе.

    „Ја повикуваме Државната комисија за спречување на корупцијата да започне постапка за проверка на имотот на судиите и обвинителите, веднаш. Комисијата има таква можност и ја охрабруваме да ја спроведе веднаш. Извршната власт ќе ги стави на располагање сите свои капацитети за проверка на потеклото на имотите и парите, на обвинителите, судиите, и нивните семејства. Антикорупциската комисија треба да ги утврди и конфликтите на интереси. Секој судија и обвинител треба да ги декларира сите адвокати, правни застапници и обвинители од своето опкружување со кои на било кој начин се поврзани, или биле поврзани, во судските постапки што ги воделе“, рече Заев.

    Потоа ги повика Судскиот совет и Советот на јавни обвинители да ја оценат одговорноста на судиите и обвинителите за застарувањето на предметите и целосно да ја проверат професионалноста и ажурноста на работата на судиите.

    „Истовремено, најавувам дека преку институциите ќе започнеме контрола на сите лекарски потврди за домашен притвор, или за привремено пуштање од затвор, по кои се случило бегство. Владата ја повикува и Европската Комисија, веднаш да го стартува инструментот за мониторинг на судски случаи од висок профил. Согласно законските одредби за јавност, Владата предлага сите снимки од судења на случаите кои ќе бидат набљудувани од Европската Комисија, да бидат достапни во аудио верзија. Време е судството да се соочи со јавноста“, рече тој.

    Но, Заев не кажа ни збор за начинот на кој се бираа судиите, за што посвети голем дел од објавените бомби додека беше во опозиција, за „чекај да видам во тефтерчето“, за „и она наш човек е“, за „јас би сакала да ме бирате“….

    Заев спомена да се истражат можни конфликти на интерес, со тоа што судиите и обвинителите сами да ги декларираат врските со адвокати и правни застапници, но не спомена за ништо за случаи со цели фамилии обвинителски и судски во правосудни органи, државни агенции или во јавни претпријатија со високи плати, со сопружници и роднини на високи функции во извршната или законодавната власт или во дипломатијата, како и за судии кои имаат успеси во денационализацијата.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари