АНТИКОРУПЦИСКА ЌЕ ГО ПРОВЕРУВА ИМОТОТ НА СУДИИТЕ ОД БОМБИТЕ

    АНТИКОРУПЦИСКА ЌЕ ГО ПРОВЕРУВА ИМОТОТ НА СУДИИТЕ ОД БОМБИТЕПретседателот на Врховен суд Јово Вангеловски на 20 март се паркираше среде улица за да пазари. (Фото: СДК.МК)

    Државната комисија за спречување на корупција по сопствена иницијатива ќе ги провери податоците од анкетните листови и изјавите за интереси за судиите од бомбите: Јово Вангеловски, Светлана Костова и Софија Лаличиќ, поранешната претседателка на Судскиот совет Александра Зафировска, како и за поранешниот претседател на Основниот суд Скопје 1 Владимир Панчевски.

    „По добиени сознанијата од Извештајот на Стејт департментот за човековите права за 2018 година за РСМ за злоупотреби и коруптивни дејства на поединечно наведени судии Комисијата заклучи да изврши проверка на податоците од анкетните листови и изјави за интереси на следните лица: Владимир Панчевски, Јово Вангеловски, Александра Зафировска, Светлана Костова и Софија Лаличиќ“, кажа на вчерашната седница претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска.

    Вангеловски, претседател на Врховниот суд, се споменува во бомбата објавена 15 февруари 2015 од премиерот, тогашен лидер на опозицијата, Зоран Заев.

    Во разговорот меѓу ексминистрите Гордана Јанкулоска и Михајло Маневски се слуша како ургираат за пресуда на Врховниот суд против братот на Лина Петровска, член на Судскиот совет.

    „Ако треба и премиерот ќе го замолиме да збори со Јово. Ама еднаш и он збореше во мое присуство кога му рече и на Трајко и Јово“, му вели Јанкулоска на Маневски.

    „Јас не знам што им е на луѓево. Јас му реков, таа жена ни е џокер, без неа немаме избор, немаме разрешување“, ѝ одговара Маневски.

    Светлана Костова, како вработена во УБК, во бомба од 1 април 2015, разговара со ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков за уплата на провизија од набавка на израелска опрема за прислушување.

    Во бомбите што ги објави тогашната опозиција беше и телефонски разговор на тогашната претседателка на Судскиот совет Александра Зафировска со Ленче Самарџиска, секретарката на тогашниот премиер Никола Груевски, која го бара да го информира за огласот за судии што го објавил Судскиот совет.

    Потоа, во друга бомба, во разговор меѓу ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков, таа го информира дека кандидатката за судија Лидија Петровска сигурно е предложена за избор преку Александра Зафировска.

    Во бомбата за правосудството, објавена на 19 март 2015 година, меѓу другите, го имаше и разговорот помеѓу судијката Софија Лаличиќ и ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков. Во оваа бомба се слуша разговорот меѓу Мијалков и Лаличиќ непосредно пред нејзиниот избор за судија. Таа потоа го прашува Мијалков кого друг избрале за судија.

    М. ИЛИОСКИ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира