АНТИКОРУПЦИСКАТА КОМИСИЈА ЌЕ ИСПИТУВА ЧИИ СЕ СТАНОВИТЕ ВО КУЛИТЕ ЏЕВАХИР ШТО ГИ ОДБРА ИВАНОВ ЗА ДОЖИВОТЕН КАБИНЕТ

    АНТИКОРУПЦИСКАТА КОМИСИЈА ЌЕ ИСПИТУВА ЧИИ СЕ СТАНОВИТЕ ВО КУЛИТЕ ЏЕВАХИР ШТО ГИ ОДБРА ИВАНОВ ЗА ДОЖИВОТЕН КАБИНЕТВо неговиот прв претседателски мандат, во февруари 2012, Иванов заедно со тогашниот турски претседател Абдула Ѓул во Истанбул беа кумови на свадбата на Есер Џевахир, синот на Ибрахим Џевахир кој во јули 2012 почна да ги гради кулите „Џевахир скај сити“ во Аеродром. (Фото: ХТ Кулуп)

    Претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска, оградувајќи се дека зборува во лично име за викенд и во неработен ден, за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека Комисијата најверојатно ќе ги испита сомневањата во јавноста за сопственоста на становите во кулите на турската копанија „Џевахир холдинг“ во Аеродром, што ги одбра поранешниот претседател Ѓорге Иванов за доживотни канцеларии за неговиот кабинет. Прашањето што се постави во јавноста е дали двата стана во кулите за кои државата ќе плаќа кирија како канцеларии на Иванов се негова или сопственост на близок член на семејството.

    „Јас, во име на Државната комисија за спречување корупција, денеска за ова што ме прашувате не можам да зборувам, но во мое лично име можам да ви кажам дека Комисијата од понеделник, по допрен глас, ќе ги стави на маса и овие сомневања околу сопственоста на становите во ‘Џевахир’. Ако е потребно, ќе отвориме предмет за да утврдиме кому точно државата ќе ја плаќа киријата, за да се отстранат или потврдат тие шпекулации за наводно плаќање закуп на Иванов самиот на себе, односно дека становите наводно биле негови или на близок член на семејството. Тоа ќе се расчисти. Но ви повторувам, неработен ден е, ќе се знае точно од понеделник’, вели претседателката Ивановска.

    Иванов учествувал во донесувањето на проектот на Џевахир во Скопје, откри во 2014 вицепремиерот Владо Пешевски; – Иванови на свадбата на Есер Џевахир, синот на инвеститорот на кулите „Џевахир скај сити“ (Фото: ХТ Кулуп)

    Како што објави вчера 360 Степени, Иванов, кој е кум на Есер Џевахир, син на инвеститорот Ибрахим Џевахир кој ги изгради кулите, ќе има 2 канцеларии во една од 42-катниците. Едната, за службените обврски на неговиот кабинет, е на 22 кат, другата за библиотека и состаноци е на 38 кат, а вкупната месечна кирија, неофицијално, е околу 2000 евра. Иванов ќе има пензија во висина на претседателската плата, околу 90.000 денари, кабинет, возач, автомобил, телохранители и три службеници во кабинетот. Годишниот буџет за потребите на експретседателот е 105.000 евра.

    Есер Џевахир, директор на „Џевахир холдинг“, а од 2017 и на неговата македонска фирма „Турмак“, лани беше предавач и на Школата за млади лидер на Иванов.

    На 16 јули 2012 во Аеродром почнаа да се градат се градат четирите кули „Џевахир скај сити“, а на поставувањето на камен-темелникот присуствуваа Иванов, премиерот Груевски и претседателот на компанијата Ибрахим Џевахир (лево) (Фото: МКД.МК).

    Врската на Иванов со едно од најбогатите турски семејства Џевахир датира уште од неговиот прв претседаелски мандат, додека владата на Никола Груевски преговарала со сопственикот Ибрахим Џевахир да инвестира во Македонија. Како што на 29 март 2014 кажа од говорницата во Кратово на предизборниот претседателски митинг на ВМРО-ДПМНЕ вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, Иванов како претседател бил вклучен вклучен во овој проект, најавен како инвестиција вредна околу 300 милиони евра.

    Иванов ќе има 2 канцеларии во една од 42-катниците на Џевахир скај сити. Едната, за службените обврски на неговиот кабинет, е на 22 кат, другата за библиотека и состаноци е на 38 кат, а вкупната месечна кирија, неофицијално, е околу 2000 евра (Фото: Ѓ. Личовски)

    „Пример, во секторот градежништво бевме во повеќемесечни преговори со ‘Џевахир холдинг’, кој сега ги изгради висококатниците, високи над 100 метри. Проектот за да се донесе ‘Џевахир’ траеше со месеци, имавме многу средби и посети. Во една прилика за време на една од посетите на Иванов во Турција, тој го замоли градоначалникот да го заложи инвеститорот да ја посети Македонија, да ги разгледа условите и да одлучи да инвестира тука. Инвеститорот потоа ја посети Македонија, беше на гости кај Иванов и тогаш таа инвестиција ја донесе пред самииот крај, токму со поддршката на Иванов“, рече тогаш Пешевски.

    Во неговиот прв претседателски мандат, во февруари 2012, Иванов заедно со тогашниот турски претседател Абдула Ѓул беа кумови на свадбата на Есер Џевахир во Истанбул. Меѓу 1.800 гости беше и Ивица Коневски, тогашен градоначалник на Аеродром, општината во која на 16 јули 2012 почнаа да се градат се градат четирите кули „Џевахир скај сити“. На поставувањето на камен-темелникот присуствуваа Иванов, премиерот Груевски, претседателот на компанијата Ибрахим Џевахир, министри, градоначалници и турскиот амбасадор во земјава.

    Кога Ибрахим Џевахир почина, Иванов беше на неговиот погреб во Истанбул на 25 септември 2015, при што имаше уште една од бројните средби со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.

    „Повод за посетата на претседателот Иванов на Истанбул е присуството на погребната церемонија на г. Ибрахим Џевахир, турски бизнисмен и сопственик на компанијата ‘Џевахир холдинг’, голем пријател на Република Македонија и инвеститор во нашата држава“, соопшти тогаш кабинетот на претседателот.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира