По тримесечно истражување, Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) следната недела ќе гласа дали синот на премиерот Христијан Мицкоски патувал со него во САД на товар на Буџетот, или авионската карта и престојот си ги платил сам, односно родителите.
„Во однос предметот во врска со патувањето на синот на премиерот Христијан Мицковски во САД, постапката е во тек, обезбедена е комплетната документација во насока на утврдување на фактичката состојба. Одлука ќе биде донесена на јавна седница која ќе се одржи следната недела“, одговори за САКАМДАКАЖАМ.МК претседателката на Антикорупциската комисија Татјана Димитровска.
Синот на премиерот, 18-годишниот Јован Мицкоски, го придружуваше татка си на официјалното патување во САД за Самитот на НАТО во Вашингтон, на кој се одбележаа 75 години од формирањето на Алијансата во јули. Ова беше прво официјално патување на премиерот кој ја предводеше официјалната делагација со неколку министри и соработици. Сопругата на премиерот, Рози, не го придружуваше на ова патување.
На 15 јули Комисијата формираше предмет по допрен глас за патувањето на синот на премиерот Христијан Мицкоски во Вашингтон, на Самитот на НАТО.
Опозицискиот СДСМ претходно обвини дека синот на премиерот патувал со него во САД и бараше да се објават приватните сметки од патувањето. Од ВМРО-ДПМНЕ тогаш одговорија дека синот на Мицкоски не бил дел од официјалната делегација и дека сите трошоци се подмирени приватно од семејството на Мицкоски. На 22 јули, Мицкоски во ТВ интервју рече дека патувањето на син му го платил од свој џеб.
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на чие чело е Тимчо Муцунски, истовремено објави соопштение дека делегацијата на Самитот на НАТО била точно определена од Алијансата и оти таа броела вкупно 21 член, согласно протоколите на НАТО. Кажа дека синот на претседателот на Владата не бил еден од членовите на делегацијата, иако Мицкоски имал покана за придружба од член на семејството и оти за неговото патување, не се потрошени средства од Буџетот.
Сепак, ДКСК се обратила до Службата за општи и заеднички работи за да утврди од чии средства биле платени авиобилетите и престојот во САД на синот на премиерот Мицкоски и следната недела јавноста ќе го добие одговорот.
- СИНОТ ГО ПРИДРУЖУВАШЕ ПРЕМИЕРОТ МИЦКОСКИ НА ОФИЦИЈАЛНОТО ПАТУВАЊЕ ВО ВАШИНГТОН, ВМРО-ДПМНЕ ВЕЛИ НЕ БИЛ НА ДРЖАВНА СМЕТКА
- АНТИКОРУПЦИСКА КОМИСИЈА ЌЕ ИСПИТУВА НА ЧИЈА СМЕТКА ПАТУВАЛ СИНОТ НА МИЦКОСКИ НА САМИТОТ НА НАТО ВО ВАШИНГТОН
- ЛЕТАВ ВО БИЗНИС КЛАСА ДО ВАШИНГОН ОТИ ИМАМ ПРОБЛЕМ СО КОЛЕНАТА, ПАТУВАЊЕТО НА СИН МИ ГО ПЛАТИВ ОД СВОЈ ЏЕБ, РЕЧЕ МИЦКОСКИ
С. К. ДЕЛЕВСКА