АПЕЛАЦИЈА ГИ ПРИФАТИ КАКО ДОКАЗ СНИМКИТЕ ЗА „ШПИОН“, А ТИЕ ОД ПРИСЛУШУВАНИТЕ РАЗГОВОРИ ГИ ОДБИ, ВЕЛИ СПЕЦИЈАЛНИОТ ОБВИНИТЕЛ ГАВРИЛ БУБЕВСКИ

    АПЕЛАЦИЈА ГИ ПРИФАТИ КАКО ДОКАЗ СНИМКИТЕ ЗА „ШПИОН“, А ТИЕ ОД ПРИСЛУШУВАНИТЕ РАЗГОВОРИ ГИ ОДБИ, ВЕЛИ СПЕЦИЈАЛНИОТ ОБВИНИТЕЛ ГАВРИЛ БУБЕВСКИСпецијалните обвинители Гаврил Бубевски и Артан Ајро на седницата на Апелациониот суд за притворот на Сеад Кочан на 15 март (Фото: СДК.МК)

    Апелациониот суд Скопје има двојни аршини за прифаќањето нелегално стекнати докази, видео и аудио снимки за извршени кривични дела, обвинија Гаврил Бубевски од Специјалното јавно обвинителство и екпретседателката на Врховниот суд Лидија Неделкова на денешната конференцијата за употребливоста на нелегално стекнати докази во кривичната постапка.

    „Во Апелациониот суд Скопје СЈО имаше предмет ‘Шпион’, преземен од обвинителството за организиран криминал и корупција. Специјалното обвинителство имаше став дека снимките што ги направил еден од обвинетите врз останатите обвинети како вршат кривично дело претставуваат доказ во оваа постапка. Тоа Апелациониот суд Скопје го преточи во својата пресуда, повикувајќи се на јавниот интерес и на принципот на сразмерност. Ова беше првпат суд да прифати незаконито стекнати докази во предмет на СЈО“, рече Бубевски.

    Во друг случај, пак, во врска со обвинението за насилствата во општина Центар, прво и второобвинетиот, Никола Груевски и Миле Јанакиески, се товарат и врз основа на овие незаконски прибавени снимки, прави паралела Бубевски.
    „Но, на судењето во Основниот суд Скопје 1 јавноста беше исклучена кога обвинителката Фатиме Фетаи аргументираше зошто треба да се прифатат снимките и за сведочењето на сведокот под заштита. Судот ги издвои тие две снимки како доказ, а кои се однесуваа на нарачката на прекршочното дело, мавање шамари. СЈО се жалеше до Апелациониот суд, жалбата патува 2-3 месеци до Апелациониот суд, но останува тој на тест дали ќе го примени истиот аршин како во случајот со ‘Шпион’, кога прифати нелегално стекнати докази во име на јавниот интерес. Ние ќе ги користиме и натаму снимките од нелегално прислушуваните разговори како доказ“, рече Бубевски.

    Врховната судијка Лидија Неделкова, пак, рече дека по барање на одбраната на осомничените од СЈО, Апелациониот суд Скопје ги отфрли доказите од прислушуваните разговори. Таа постети дека сега постапката за уважувањето на овие докази е пред Врховниот суд, каде, како што рече, одлуката на Апелациониот суд може да се смени.

    „Апелациониот суд Скопје наведе дека станува збор за 300.000 фајлови прибавени материјали од прислушувани разговори, кои по својот број и масовност, претставуваат опасност за безбедносниот систем на државата. Ова никако не може да биде аргументација на судот. Особено што обвинителството барало само 10 транскрипти, а не 300.000. Ние не ни знаеме кој го извршил прислушувањето за да ги одбиваме снимките како докази“, рече Неделкова.

    Таа рече дека судиите се креативни и дека прифаќаат нелегално стекнати снимки. Го посочи примерот со дадилката која го тепаше и штипеше бебето, а која беше снимена од родителот на бебето, а не по судска наредба со ПИ-мерка. Судијата, во интерес на правото на детето, ја прифати нелегално стекнатата снимка и процесот заврши со признавање на кривичното дело, рече Неделкова.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира