АПЕЛАЦИЈА ЈА ПОТВРДИ УСЛОВНАТА ЗАТВОРСКА КАЗНА НА ИВОНА, ИМА РОК ОД ГОДИНА ДЕНА ДА ГО ПЛАТИ ЗАТАЕНИОТ ДАНОК

    АПЕЛАЦИЈА ЈА ПОТВРДИ УСЛОВНАТА ЗАТВОРСКА КАЗНА НА ИВОНА, ИМА РОК ОД ГОДИНА ДЕНА ДА ГО ПЛАТИ ЗАТАЕНИОТ ДАНОКИвона Талевска пред изрекувањето на пресудата во Основниот суд Скопје 1 на 19 февруари. (Фото: СДК.МК)

    Апелациониот суд Скопје ѝ ја потврди условната затворска казна на Ивона Талевска, новинарка од ТВ „Сител“ и бизнисменка.

    „Апелациониот суд во врска со предметот познат во јавноста како „Тифани“, по одржана јавна седница, донесе одлука со која ги одби како неосновани жалбата на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите Скопје, жалбата на обвинетата И.Т. и жалбата на обвинетото правно лице Друштво за маркетинг и пропаганда С.Г. ДООЕЛ С“, соопшти Апелациониот суд Скопје.

    Судот ја преиначил само споредната, т.е. паричната казна за Талевска, во однос на валутата во која е изречена. Пресудата беше донесена на 19 февруари. Талевска, откако ја призна вината дека затајувала данок, беше осудена на две години условна затворска казна, според која во наредните 4 години не треба да направи ново кривично дело.

    Тогаш судијката Софија Лаличиќ од Основниот суд Скопје 1 рече дека со оглед на примерното поведение на обвинетата и фактот што досега не сторила кривично дело ѝ се одредува условната казна. Талеска во рок од една година треба да плати 1.671.611 денари за персонален данок на доход кој не го плаќала, 1.145.900 денари даночни обврски од фирмата „Смарт центар“ ДООЕЛ која сега е во стечај, а фирмата „Смарт груп“ која е во сопственост на Талевска треба да плати 1.038.698 денари, данокот го затајувала од 2008 до 2014 година.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира