Апелациониот суд ја одби жалбата на Илија Димовски и не ја преиначи одлуката на Основниот суд Скопје 1 за одземање на пасошот и дипломатската исправа на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, кој е обвинет во предметот „Титаник“ на СЈО за кривичните дела злосторничко здружување и злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања.
Димовски, исто така, ќе мора секоја среда во 10 часот да се пријавува на шалтер 5 во кривичната писарница на Основниот суд Скопје 1. Потребата од мерките на претпазливост ќе се преиспитуваат на секои два месеца до правосилноста на пресудата.
Апелациониот суд не му го врати пасошот ниту на градоначалникот на Гази Баба Тони Трајковски, обвинет во случајот „ТНТ“ на СЈО. За Трајковски СЈО бараше Апелација да ја преиначи одлуката на Основниот суд Скопје 1 и да му одреди притвор, но жалбата беше одбиена. Градоначалникот на Гази Баба, исто така, мора да се пријавува секој вторник во 10 часот во Основниот суд Скопје 1.