Мобилната апликација „Стоп корона“ која ја промовираше Владата за борба со коронавирусот, воопшто не се користи за следење на контактите на позитивни пациенти. Епидемиолозите ниту еднаш не ја употребиле апликација бидејќи мал број граѓанки и граѓани ја симнале на своите телефони, што значи дека таа е џабе направена.
Од Министерството за информатичко општество и администрација за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека бројот на инсталации сѐ уште не е доволно висок за да може епидемиолозите целосно да се потпрат на податоците кои ги нуди апликацијата.
„Апликацијата ‘Стоп корона‘ е во целосна надлежност и пристап за користење на Министерството за здравство. Во моментот ја користат 63.456 граѓани. Апликацијата беше донација за Министерството за здравство и за нејзина реализација Владата не потроши ни денар буџетски средства. Имајќи го ова во предвид, не може да се каже дека е неуспешен проект. Дополнително, за жал, пандемијата предизивикана од ковид-19 уште извесен период ќе го дефинира начинот на живот, што значи дека очекуваме во наредниот период граѓаните да се уверат во важноста од користење на оваа апликација, и таа да ги даде очекуваните резултати“, велат од Министерството за информатичко општество и администрација.
Во одговорот од Министерството не објаснуваат дали овие 63.456 граѓани активно ја користат апликацијата или пак само кога била промовирана била симната на нивните мобилни телефони.
Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски апликацијата „Стоп корона“ ја промовираше на 13 април. На прес-конференцијата во Владата беше кажано дека апликацијата на едноставен и брз начин ќе им даде одговор на здравствените работници со кои лица биле во контакти новозаболените пациенти со коронавирус, и со тоа ќе се растеретат епидемиолозите во правањето на анкетите и лоцирање на сите контакти.
„Потребна е масовна употреба на апликацијата за да има ефекти и затоа апелирам граѓаните веднаш да ја симнат на својот мобилен телефон. Со тоа сите ќе дадеме личен придонес во борбата со коронавирусот и ќе им помогнеме на здравствените работници“, кажа тогаш министерот Дамјан Манчевски.
За изработка на апликацијата не беа потрошени буџетски пари бидејќи таа е донација на фирмата „Некстсенс“.
А. АНТЕВСКА