Државниот архив кој се наоѓа во зградата на Археолошкиот музеј ќе се сели на нова локација оти објектот од Скопје 2014 се поплавува при секој дожд.
Министерот за култура, Роберт Алаѓозовски денеска најави дека се бара нова локација откако и викендов Архивот повторно беше поплавен и загрозена архивската документација. Така е при секој дожд откако пред две година оваа институција се пресели во новата барокна зграда на кејот на реката Вардар.
„За жал ова е уште еден доказ за нестручно изведен објект. Заедно со Владата размислуваме за нова локација за Државниот архив. Бараме нова зграда оти во овој објект на Археолошкиот музеј при секој дожд се соочуваме со прокиснување и се загрозува архивската граѓа. Комплетно ќе се преселат и вработените кои сега работат во несоодветни услови и целокупната документација која ја поседува Архивот. Се уште немаме одлука каде ќе се сели Архивот оти убаво треба да ги разгледаме сите опции не би сакале да имаме домино ефект, да решиме еден проблем, а да создадеме нов“, рече Алаѓозовски.
Државниот архив беше преселен во зградата на Археолошкиот музеј која чини 42 милиони евра, пред две години. Оттогаш при секој дожд просториите на Архивот кои се наоѓаат на шестиот и седмиот спрат во зградата се поплавуваат. Вода прокиснува од сите страни, па низ канцелариите и ходниците стојат кофи, а за да се заштити архивската документација се преместува од една просторија во друга.
Пред да биде преселен во новата зграда Државниот архив беше сместен во зградата кај комплексот судови, која беше дадена на Обвинителството за организиран криминал.
А. АНТЕВСКА