По критиките од Народниот правобранител Насер Зибери, дека граѓаните масовно се жалат кај него оти добиваат високи сметки за струја која не ја потрошиле и дека многу често плаќаат аванс, реагираше компанијата ЕВН која вели дека нема никогаш да наплати повеќе од она што корисникот го има потрошено.
„И покрај тоа што со Законот за енергетика, Мрежни правила и Правила за снабдување е пропишано отчитувањето на броилата да се извршува еднаш годишно, екипите на Електродистрибуција тоа го прават секој месец. Но, се случува броилото да не се отчитува поради различни причини: корисникот е отсутен (не е дома или во објектот), поради спречување на екипите за отчитување од страна на корисникот, поради непристапност до мерното место, лоши временски услови, боледувања на отчитувачи, изолација поради коронавирусот итн. Ако се случи да не е прочитано броилото, за што се фактурира претпоставена вредност како просек од потрошувачката во последните 12 месеци, корисникот може да пријави состојби преку веб страната evnonline.mk, преку меил, телефонски и во приемните канцеларии на Корисничките енергоцентри на Електродистрибуција, при што нашите служби ќе ги направат соодветните корекции“, вели ЕВН.
Претпоставената фактура не значи по автоматизам повисока фактура за електрична енергија, велат од компанијата. Појаснуваат дека сметката може да содржи и пониски претпоставени вредности на потрошувачка од реалната во тој месец. Исто така, повисока сметка од очекуваната може да се должи и на веќе направено порамнување по прочитана состојба, за која претходниот месец била испорачана претпоставена вредност пониска од тоа што било потрошено.
„ЕВН нема никогаш да наплати повеќе од она што корисникот го има потрошено. Ако поради горенаведените причини не било возможно отчитување на броилото, со наредното отчитување ќе се порамни потрошувачката во зависност од тоа дали корисникот потрошил повеќе или помалку од последната состојба“, велат од компанијата.
С. К. ДЕЛЕВСКА